ОМД: Да се обрати внимание на кршењето на правата на Македонците
Македонската дијаспора во САД побара да се искористи одбележувањето на 65 годишнината од Универзалната декларација на човековите права за да се обрне внимание на кршењето на правата на Македонците.
- Македонците беа решителни пред 110 години, при ослободувањето од Отоманската Империја, пред 69 години при анти-фашистичкото движење и пред 22 години, кога постигнаа слободна, независна и суверена Македонија. Денес предизвиците пред Македонија се тоа што се уште се нарекува поранешна југословенска Република Македонија во Обединетите нации, НАТО и во Европската Унија како и други меѓународни организации. Гугл мапс ја обележува земјата како Македонија (БЈРМ). Македонските лидери се соочени со внатрешни и надворешни притисоци да не се повлекуваат од преговорите во Обединетите нации. Членството во НАТО и во ЕУ не е на повидок. И, по 65 години од донесувањето на Универзалната декларација, Македонците во Бугарија и во Грција се лишени од основните човечки права на само-определување, собир, говор, верски и медиумски слободи, а и Македонците во Албанија, Косово и Србија не се во подобра положба, пишува во пораката на Стојан Николов, претседавач на одборот на Обединетата македонска дијаспора.
ОМД воедно ги повикува Македонците да продолжат да работат заедно за ширење на вистината за Македонија.
- Како што кажа и Нелсон Мандела, кога луѓето се обединети, можат да постигнат се, пишува во соопштението на ОМД.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа