ДПИ: Високи казни за економските оператори кои нема да ги почитуваат замрзнатите цени
Веднаш по стапувањето во сила на одлуките на Владата за определување на највисоки цени за тестенини, млеко, урда, сирење, кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе излезе на терен и ќе постапува, најавуваат од Инспекторатот и додаваат дека казните за непочитување на одлуките изнесуваат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор.
-Одлуките се донесени во интерес на граѓаните и нивните потреби и ќе стапат во сила на 16 март 2023 година. Ова е доволен временски период за трговците да ги прилагодат цените. Апелираме да се почитуваат одлуките, затоа што во спротивно, без селекција, ќе следат казни, кои според Законот за трговија се исклучително високи. Исто така, апелираме, доколку граѓаните забележат било какви неправилности кои се поврзани со цените на производите веднаш да пријават во Државниот пазарен инспекторат, велат од ДПИ.
ДПИ, како што посочуваат, ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со одлуките, но нема надлежност да постапува, ниту пак да влијае врз формирање на цени во трговијата на големо и трговијата на мало.
Владата денеска донесе одлука за замрзнување на цените на тестенини неварени, неполнети ниту поинаку приготвени, што не содржат обично пченично брашно или гриз, без додаток на јајца (макарони и шпагети) чија највисока цена на овие производи од ставот се утврдува на нивото на цените кои се применувале на 1 март 2023 година, во трговијата на мало, и се намалуваат за 15 отсто. Со одлуката се опфатени и трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, урда, кравјo бело сирење и мешано бело сирење, кравји кашкавал (со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан), кисело млеко, павлака и јогурт, без додатоци, а највисоките цени на наведените млечни производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 1 март 2023 година, во трговијата на мало, и се намалуваат за 10 отсто.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа