„Бездомници во сопствената земја“: Најголем проблем во Турција и Сирија е наоѓање на безбедно место за живеење

 

 

На точно еден месец од разорните земјотреси во Турција и Сирија, еден од најголемите проблеми за преживеаните е да најдат безбедно место за живеење бидејќи повеќе од 160.000 згради се уништени или оштетени.

Според официјалните податоци, во Турција загинале 45.968 лица, а во Сирија повеќе од 6.000.

Оние кои преживеале се соочуваат со неизвесна иднина, а еден од најголемите проблеми е да се најде безбедно место за живеење, објави денеска Би-би-си.

Најмалку 1,5 милиони луѓе сега се без покрив над главата, а неизвесно е колку време ќе биде потребно за да им се обезбеди соодветно засолниште.

Турската агенција за катастрофи (АФАД) во меѓувреме објави дека речиси два милиони луѓе ја напуштиле зоната погодена од земјотресот.

Летовите и патувањето со воз до регионите надвор од зоната на земјотресот се бесплатни за оние кои сакаат да одат.

„Бездомници во сопствената земја, тие не се бегалци, но изгубија се“, истакнува Би-Би-Си.

Голем број луѓе внимателно извлекоа скапоцени парчиња мебел од урнатините и ги распоредија надвор, луѓето спијат и јадат во шатори, без соодветни тоалети, а многумина живеат во јавни згради.

Шаторите се тесни и преполни и нема доволно простор или приватност. Луѓето велат дека се особено исплашени навечер кога чувствуваат последователни потреси и не можат да заспијат.

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) проценува дека најмалку 1,5 милиони луѓе се уште се во зоната на земјотресот и немаат каде да живеат.

Веста дека турската Црвена полумесечина продаде дел од шаторите на хуманитарна организација, доведе до широко распространето јавно негодување.

06.03.2023 - 13:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега