ОН: Најмалку 2.940 луѓе се убиени во Мјанмар по воениот удар

 

Од воениот удар во Мјанмар во февруари 2021 година, досега се убиени најмалку 2.940 луѓе, изјави Равина Шамдасани, портпаролка на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации.

Во Канцеларијата на ОН во Женева се одржа неделна прес-конференција на која се разговараше за ситуацијата во Мјанмар.

Шамдасани рече дека е објавен последниот извештај за Мјанмар и посочи дека војската на Мјанмар употребила насилство, вклучително и убивање дисиденти, произволни апсења, тортура и насилни исчезнувања, предизвикувајќи трајна криза за човековите права.

Извештајот документира серија прекршувања на човековите права и нагло зголемување на насилството, особено во северозападните и југоисточните региони на Мјанмар од 1 февруари 2021 година до 31 јануари 2023 година.

– Во извештајот се цитираат сигурни извори кои потврдуваат дека најмалку 2.940 луѓе се убиени и 17.572 уапсени од страна на војската и нејзините ограноци по пучот, рече Шамдасани.

Според ОН, најмалку 70.000 луѓе го напуштиле Мјанмар од почетокот на воениот удар на 1 февруари 2021 година, а повеќе од еден милион сè уште се внатрешно раселени. Неколку високи политички функционери се во затвор, меѓу кои и Аунг Сан Су Ќи.

Во исто време, повеќе од еден милион Рохинџа муслимани од Мјанмар најдоа засолниште во Бангладеш.

03.03.2023 - 21:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега