Столтенберг: Време е Шведска да влезе во НАТО
Време е Шведска да се приклучи на НАТО бидејќи направи се’ што е потребно за да обезбеди одобрение на Турција за членство во Aлијансата, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Време е да се заврши процесот на ратификација на Шведска“, рече Столтенберг во интервју за шведскиот весник „Афтонбладет“, пренесува „Еј-Би-Си њуз“.
Во мај, Шведска и Финска ја напуштија својата долгогодишна политика на воена неутралност и поднесоа барање за влез во НАТО по руската инвазија на Украина.
Потегот бара едногласна согласност од сите членки на алијансата. Турција го блокираше процесот и изврши притисок врз Шведска и Финска да уапсат групи што ги смета за терористички организации и да екстрадираат лица осомничени за злосторства поврзани со тероризам.
Минатиот месец турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу рече дека Шведска не е ни на половина пат во исполнувањето на обврските што ги презеде за да обезбеди поддршка од Турција за членство во НАТО.
Неговите коментари уследија откако шведскиот суд донесе одлука против екстрадиција на новинар баран од Турција за наводни врски со неуспешниот пуч во 2016 година.
„Убеден сум дека Шведска ќе стане членка на НАТО. Не сакам да дадам прецизен датум кога тоа ќе се случи. Ќе биде необичен и брз процес за приклучување кон алијансата. Обично тоа траеше неколку години“, рече Столтенберг.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека Шведска ги исполнила своите обврски и дека одлуката сега е на Турција.
Парламентите на 28 земји од НАТО веќе го ратификуваа членството на Шведска и Финска. Турција и Унгарија се единствените членки кои сè уште не дале одобрение.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа