(ВИДЕО) Илјадници на улиците на Тел Авив протестираа против новата влада на Нетанјаху
Неколку илјади луѓе синоќа излегоа на улиците на Тел Авив за да протестираат против новата влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху, која ги обединува екстремните десничарски и верски партии.
Демонстрантите се собраа во центарот на крајбрежниот град и гласно маршираа низ улиците, веејќи израелски знамиња и држејќи транспаренти против Нетанјаху.
„Заедно со илјадниците демонстранти излеговме да протестираме и јасно да кажеме – нашата земја не може да се уништи! Ќе продолжиме да се бориме за нашата демократија“, напиша на Твитер лидерот на израелската Лабуристичка партија, Мерав Михаели.
Новиот десничарски кабинет на Нетанјаху положи заклетва минатата недела, при што неколку министерски места беа доделени на ултранационалисти.
Се наведува дека владата планира сеопфатни реформи, од проширување на населбите на окупираниот Западен Брег до слабеење на моќта на судството.
Драматичните реформи на новиот министер за правда Јарив Левин во судството беа главната грижа на демонстрантите. Левин сака да му овозможи на мнозинството во парламентот да ги поништи одлуките на Врховниот суд.
Левин сака да го промени и составот на телото кое ги назначува судиите.
„Ако не излеземе на улица, ќе ја изгубиме нашата демократија“, рече еден од демонстрантите Хеви Боем, додавајќи дека новата влада е криминална и корумпирана.
Друг учесник рече дека е добро што толку многу луѓе излегоа на улица, „но дека сè уште не е доволно да се спречи оваа криминална власт“.
Меѓу изменетите закони беше и оној што му дозволи на лидерот на ултраортодоксната партија Шас Арјеха Дери да стане министер за внатрешни работи и покрај пресудата за даночни прекршувања.
Нетанјаху, од друга страна, е лидер со најдолг стаж во Израел и е вмешан во години на истраги кои вклучуваат измама, нарушување на довербата и корупција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа