Најмалку 57 загинати во смртоносната снежна бура во САД

 

 

Досегашниот биланс на жртви од „историската“ зимска бура во САД се искачи до 57, од кои 27 загинале само во округот Ери, сојузна држава Њујорк, јави Ен-Би-Си. 


– Бројот на загинати се очекува да се зголеми, бидејќи снегот продолжува интензивно да паѓа во округот Ери, поради што патиштата во многу реони, вклучувајќи голем дел од Бафало, се непроодни, изјави Марк Полонкарц, првиот човек на округот. 

Заклучно со понеделник, бурата зафати територија започнувајќи од Големите езера близу Канада до реката Рио Гранде на границата со Мексико и ги одзеде животите на најмалку 57 луѓе, јави телевизијата. 

 

Смртни случаи се регистрирани во12 држави: Колорадо, Илиноис, Канзас, Кентаки, Мичиген, Мисури, Небраска, Њујорк, Охајо, Оклахома, Тенеси и Висконсин. 

Во округот Ери починале 27 лица, според судскиот медицински експерт, многумина од нив поради срцеви проблеми додека го чистеле снегот, други биле најдени мртви во своите коли. Еден човек во округот Нијагара починал од труење со гас. 

Од Националната метеоролошка служба соопштија дека снежната покривка во реонот на Бафало изнесува до 30 сантиметри, додека во окрузите Џеферсон и Луис паднале од 30 до 60 сантиметри. На некои места покривката е висока и над еден метар. 

Во делови на Њујорк поради силните ветришта и замрзнатиот дожд е исклучено електричното напојување, па повеќе од 20 илјади семејства останаа без струја. Слична бура со силни ветришта ја исклучи струјата и во најсеверната држава Мејн. 

-Не знаеме дали бурата ќе се врати. Ова се бури кои се случуваат еднаш во сто години, изјави Кејти Хокул, градоначалничка на Њујорк. 

Заклучно со синоќа, биле откажани повеќе од 1.200 авионски летови, а уште најмалку 500 биле задржани. 

Хокул на Твитер соопшти дека разговарала со претседателот Џо Бајден кој „вети оперативно одобрување“ на барањето за објавување вонредна ситуација поради стихијата. 

 

Од Белата куќа укажаа дека Бајден ги понудил „сите ресурси на федералната влада за поддршка на жителите на Њујорк, во време кога државата се обидува да се справи со последиците од историскиата зимска бура“.

27.12.2022 - 20:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега