Северна Кореја лансираше шпионски сателит
Севернокорејската државна новинска агенција КЦНА објави дека Пјонгјанг извршил „важна, последна фаза“ од тестирањето за развој на шпионски сателит. Веста на КЦНА следеше откако армијата на Јужна Кореја и Јапонија објавија дека Северна Кореја лансирала две балистички ракети со среден дострел кон морето во близина на источниот брег на Корејскиот Полуостров.
Според информациите на КЦНА, Националната управа за вселенски развој (НАДА) извршила тестирање во северозападниот дел на земјата со цел да ги испита можностите на сателитско снимање и пренос на податоци.
„Потврдивме важни технички индикатори како што се технологијата за работа на камерата во вселенска средина, способноста за обработка на податоци и пренос на комуникациските уреди, точноста на следење и контрола на системот за контрола на земјата“, изјави портпаролот на НАДА за КЦНА.
Северна Кореја оваа година, и покрај меѓународните санкции, изврши ракетни тестови, вклучително и интерконтинентална балистичка ракета.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа