„Вечната куќа“ ги отвара вратите во новиот објект на МНТ

Македонскиот народен театар  со премиера на „Вечната куќа“ утре ќе започне со работа во новиот  изграден на местото на некогашниот Стар театар. Официјалниот почеток на работата на новата театарска зграда ќе биде одбележан со уште две премиери на оваа претстава - на 8 и 9 декември, а до крајот на месецот ќе има уште осум репризни изведби.

Инаку, во претставата „Вечната куќа“  главниот простор го има куќата која во оваа претстава на свој начин ја симболизира Македонија, која, пак, се претвора во центар во кој ќе се сондира секоја куќа во светот. Тоа е приказна за една жена која 60 години секој ден носела ливче на Ѕидот на плачот, барајќи да и биде вратена куќата. Но, кога девојката со сто клуча ќе влезе во куќата, од секоја соба излегува нов сопственик, кој тврди дека има непобитни докази дека таа е негова.

Во претставата играат голем број актери од сите генерации, но и студенти од Факултетот за драмски уметности и од ЕСРА. Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Благоја Мицевски, а музиката е на Горан Трајковски.

Новата зграда на МНТ, која е лоцирана на левиот брег од реката Вардар, е изградена врз темелите на Стариот театар кој се урна во земјотресот во 1963 година. Позициониран е на вкупна површина од 7.200 метри квадратни, а аудиториумот на објектот е поделен на голема сала со партер и две галерии со вкупно 724 седишта, како и мала сала со 213 седишта.

06.12.2013 - 10:30
Фото: 
А1.он

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега