Граѓаните поретко на шалтери - Се повеќе документи може да се добијат електронски

Со проектот „Интероперабилност“ илјада граѓани месечно наместо да одат на повеќе шалтери низ државните институции за документи, веќе можат да ги добијат електронски, истакна денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски во своето обраќање пред учесниците на регионалната конференција „Вистински импакт за подобро владеење“, што се одржува во Скопје.

На конференцијата организирана од Мајкрософт, Ивановски зборуваше и за ефектите од користењето на информатичко-комуникациските технологии во работењето на администрацијата и следните чекори на Владата за отворање на податоците на институциите и користењето на клауд платформата.

Според него, секоја недела над 250 граѓани кои барале документи од повеќе институции, се обратиле само на еден шалтер, а  останатите документи  ги добиле електронски.

– Тоа значи дека 1.000  граѓани месечно веќе не треба да одат од шалтер до шалтер за услуги. Тоа е фокусот на програмата на МИОА и се врши надградба на системот да ги поврземе сите институции  на овој автопат за размена на електронски податоци за да можат сите да бидат услужно ориентирани. Фокусот ќе ни биде да ги намалиме патувањата на граѓаните низ шалтерите, а институциите да  немаат потреба да ги дуплираат базите на податоци, затоа што со тоа се дуплираат  и трошоците, изјави Ивановски. 

Отворањето на податоците, истакна министерот, е една од  нашите најголеми иницијативи за транспарентност во работењето на Владата. 

- Транспарентноста е најголемата  вакцина за корупцијата. Токму со тоа мото продолжуваме да го изработуваме  новиот закон за отворени податоци, што наскоро ќе биде достапен за граѓаните  и ќе може да  видат кои институции  во кој рок во дигитален формат ќе ги отворат сите информации кои ги имаат јавно  достапни за граѓаните според Законот за слободен пристап до информации. Со тоа секој ќе може да ги користи податоци и да генерира апликации  и содржини што ќе придонесат за повисок брутодомашен производ, рече министерот Ивановски. 

Тој информираше дека клауд платформата веќе се користи во неколку институции. 

-Се искористуваат решенија базирани на клауд платформа со тоа што ќе се следи ефикасноста од користењето на овие технологии и колку ќе има заштеда институцијата за да се направи квалитетна стратегија во соработка со Светска банка, за што се понуди да помогне Мајкрософт, истакна Ивановски.   

Менаџерот за Мајкрософт за Македонија и за Косово, Стеван Плавјански истакна дека користењето на клауд платформата ќе понуди поквалитетни сервиси за граѓаните за помалку пари.

- Сервисите ќе бидат полесно достапни за граѓаните на целата територија на државата, а инвестициите  од страна на државата ќе бидат многу пониски, рече Плавјански.

Освен експерти за решенија за јавниот сектор од Мајкрософт, на конференцијата учествуваат претставници од владите и од ИТ компании од Македонија, Косово, Бугарија, Албанија и Босна и Херцеговина.

Регионалната конференција ќе продолжи утре со дебата за безбедноста  во користењето  на информатичките системи во јавниот сектор.

05.12.2013 - 12:56
Фото: 
vmro-dpmne.org.mk

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега