САД навиваат за проширување на НАТО

Портпаролката на американскиот Стејт департмент Мери Харф истакна дека САД ја поддржуваат политиката на отворени врати на НАТО.

- Без да зборуваме конкретно за овој самит, САД остануваат посветени на тоа дека НАТО ќе има политика на отворени врати. Ова честопати го повторуваме. Земјите аспиранти треба да ги исполнат стандардите за членство и ние ги поддржуваме во ова. Не сакам да навлегувам во детали што може да се расправа на самитот, но во принцип го поддржуваме ова, изјави Харф прашана дали на средбите кои државниот секретар Џон Кери ги имаше во Брисел со министрите за надворешни работи на НАТО, било разговарано за потребата самитот во Њупорт да биде самит на проширување.

На последниот Самит на НАТО кој се одржа во 2012 во Чикаго, тогашниот државен секретар Хилари Клинтон истакна дека Чикаго треба да биде последен самит на НАТО без проширување. Последното проширување се случи на самитот во Букурешт, во 2008 година.

Босна и Херцеговина и Грузија се сметаат за земји аспиранти, а Украина беше аспирант за членство во Букурешт, но оттогаш се оддалечи од НАТО.

05.12.2013 - 09:40

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега