ВМРО-ДПМНЕ до Дамјановски: Господине градоначалниче излезете со отчет за сработеното!

 

ВМРО-ДПМНЕ денеска во Куманово истакаа дека градоначалникот Зоран Дамјановски не исполнил ништо од она што им ветил на граѓаните.

- Дел од ветувањата беа изградба на индустриска зона за 60 индустриски објекти, опремена со водоводна и канализациона мрежа, пристапни патишта и друга инфраструктура. Оваа индустриска зона, според Дамјановски, ќе биде изградена во близина на селото Табановце и ќе обезбеди 2500 вработувања. Ќе изгради голем енергетски објект - „ Горилница на цврст отпад” близу с. Доброшане, каде ќе се произведува 10 мегаватна електрична енергија и топла вода за раноградинарско оранжериско производтсво. Цврстиот отпад ќе биде согоруван под највисоки еколошки стандарди, а самата инсталација ќе овозможи 250 нови вработувања.  Нов цевковод за снабдување на градот со вода за пиење во должина од 16.5 километри од езерата во с. Липково до прочистителната станица во градот. Изградба на голем трговски и административен центар кај „Чоробенско ќоше”, кој ќе овозможи повеќе вработување. Изградба на нов фудбалски стадион кај сточниот пазар.  Во населбата „Средорек” ќе се интервенира со соодветна инфраструктура, со цел да се обезбедат похумани услови за животот на сите ромски семејства таму.  Реновирање на фасадите на зградите во центарот на градот. Изградба на аква парк и довршување на градскиот базен.  Нови зелени површини во градот. Асфалтирање на сите улици во населбата Иго Тричковиќ. Изградба на канализациона мрежа во селата Умин дол, Љубодраг и Ново село. Комплетна реконструкција на патната инфракстуртура во Куманово. Намалување на цената на паркинг услугите, и многу други значајни комунални проекти, велат од партијата.

 

          Го потсетуваме градоначалникот Дамјановски дека граѓаните на Куманово ги паметат сите овие ветувања и веќе бараат отчет за степенот на нивната реализација. Преку средствата за јавна комуникација, тие се сведоци на редовната отчетност на градоначалниците во општините од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија. Тоа е чин на чесност и обврска кон дадениот збор на граѓаните кои ги избраа на локалните избори.

         Му се обраќаме на градоначалникот Дамјановски и во функција на политички опоненти и како граѓани на Куманово: ГОСПОДИНЕ ГРАДОНАЧАЛНИЧЕ, ИЗЛЕЗЕТЕ СО ОТЧЕТ. Заврши времето на лажни ветувања. Граѓаните познаваат и признаваат само дела. Не треба да се фалите со асфалтирање на калдрмираните улички во центарот на градот, ниту со асфалтирање на улици кои, потоа уште долго ќе останат со несредени тротоари. Тоа не се активности на градоначалник на голем урбан центар, како Куманово, во 21 век. Кажете кога ќе почне реализацијата на барем 1 од ветените  големи инфрастуктурни објекти за кои денес ве потсетуваме. Тоа е минимумот што граѓаните на Куманово го очекуваат од Вас, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

02.12.2013 - 14:48

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега