Драган Павловиќ Латас: Ревизија
Знаев дека со доаѓањето на Шекеринска на чело на СДСМ ќе се случуваат лоши, невообичаено лоши работи. Таа еднаш беше шеф на партијата, долго беше втор човек во истата, а сега се враќа како владетел од сенка.
Изногуд од нашето маало, која е сериозен конкурент на Фрчковски во презирот кон новинарите кои, замисли, испуштиле да го величаат нејзиниот лик.
После толку порази, и живот минат во завист, вовлекувања, интриги и загубени избори, ретко кој може да сочува здрав разум и рацио.
Со победата на локалните во Центар, на левата владејачка маса седна и Андреј Жерновски. Иста матрица, иста биографија и потенцијал. Со години ташнаравиќ на Ристо Пенов, позер, полтрон на Стојан Андов, Стефчо и Пенов, кој ја доби својата шанса, и својата лидерска функција во ЛДП благодарејќи на нескриената поддршка од СДСМ за неговата партиска, шефовска кандидатура.
Со толку хипотеки, супресирана свест и биографија и долгови кон СДСМ секому е јасно дека од него политичар не бива. Што и се гледа од приложеното.
Сега, на левата страна, владеат бледолики ликови кои животот го поминале во сенка. Без интегритет, личен став и авторитет. Поминат во сенка, далеку од бела виделина... во гнев, грабење, завист и несигурност. Се со цел да се чека, и дочека, криза на авторитетите, и да се добие место на врвот благодарејќи на судбината, и случајноста. Нивното време е тука.
Животот, бизнисот, уметноста, политиката, го креираат луѓе со визија. Со авторитет и посветеност на визијата. Другите одат зад нив, и соработуваат. Успехот е заеднички, а поразот му се книжи само на лидерот.
Ниту Франција би била тоа што е без Де Гол, Германија без Аденауер и Меркел, Америка без Ајзенхауер, Труман... или Русија без Путин... ни СДСМ би постоел денес без Бранко, колку нам и да не ни се допаѓа... како што и ВМРО ќе се распаднеше по загубената војна и катастрофата на изборите, без Груевски.
Да, во ред е, секој знае дека Шекеринска со Заев, како и Жерновски се само преодни решенија до финалниот избор за наредениот подолг период, но во тој преоден период се случуваат нешта и постапки кои би можеле да имаат прилично трајни последици.
Продажбата на името, а потоа и нудењето поддршка на грчкиот ултиматум за да се добие власт преку ноќ е веќе антологиска појава на бледоликите.
Територијалната поделба со која ја албанизираа Македонија, и ја осудија на поделба, е потсетување дека привременото лесно станува трајно.
Македонија во сред светска криза бара инвеститори, се појавува Индусот Субрата Рој, и отпочнува процес на најголема поединечна инвестиција во земјава а бледоликите се здробија од напори да го омаловажат, навредат и избркаат од Македонија. И, ако го избркаат, што имаме ние од тоа. Имаме пропаднати неколку години напори да се донесе некој тука, и вложи свои пари за наши вработувања, наши градежници и наш туризам и аграр.
Ако треба, се нека пропадне, само бледоликите да имаат ќар од тоа.
Бледоликите тврдат дека против него, во Индија, се водела постапка за даночно затајување и затоа треба да го протераме.
Ако е така, да ги протераме и Дојче телеком, и тие се под постапки.
Ако за Македонија покаже интерес големиот Самсунг, да го одбиеме, бидејќи во Америка има судски постапки во кои се казнети со над една милијарда долари за криминал.
Да ги протераме амбасадорите на сите влади против чии премиери, или претседатели, се воделе, или се водат судски постапки во нивните држави. Со акт, на Берлускони да му се забрани влез во Македонија.
Субрата Рој, само последниве месеци, потрошил во Британија скоро половина милијарда евра, а ниту еден британски политичар, или медиум, не побара да му се одбијат парите заради постапките во Индија. Напротив, лондонски универзитет му даде титула почесен доктор на науки.
Па, дали сте вие нормални. До каде оди вашата злоба.
Најново им е ревизијата која општина Центар ја објави деновиве за градбите со проектот Скопје 2104.
Втора ревизија. Ако треба и пет ќе има. Секоја ревизија е нова шанса за нови прес-конференции, нови активности на бледоликите медиуми, и нови подметнувања со кои се врши пропагандна подготовка за наредните избори.
Според ревизијата плоштадите, зградите и спомениците кои се градени служеле за крадење пари, а не за јавни потреби. Така смета Жерновски. Така објаснува СДСМ на своите прес-конференции, одржани по оние на Жерновски. Така пишуваат нивните медиуми потоа, а ги има подоста.
Пошто они во своите мандати никогаш ништо не изградија, логично е дека живеат во беда. Посебно сиромашни се Шекеринска и Жерновски. Гревови.
Жерновски, од ракав, цени дека скулпторот Валентина Божиновска и нејзините соработници земале превисоки хонорари. Нема анализа, компарација или стручна студија. Он и СДСМ мислат така и така мора да биде.
Валентина Божиновска е едно од најдобрите скулпторски имиња на Балканот, за што се показ и доказ направените и изведени дела. За сите овие години, заедно со нејзините соработници, има заработено пет пати помалку отколку Жерновски и неговите со управување паркинг во Клинички центар, кој им го додели Ристо Пенов. Па сега ти види, вреди ли повеќе ставање две рампи во Клинички и пердашење за влез и излез на секој што ќе влезе и излезе од болница, или уметност и изведба на десетина монументални дела.
За нив монументално дело е дизајн на пасоши и возачки дозволи за кои Фрчкоски спроведе хонорари вредни колку што Модиљани заработил за целиот свој живот. Потоа, на него заработувале другите. Мислам, на Модиљани.
Никој, па ни јас, не може од око и напамет да тврди дека имало, или немало, незаконски појави при реализација на проектот. Ако некој смета дека имало, треба да даде пријава, и да води постапка, па судот да утврди што и како се случувало.
Но, на бледоликите Рада и Жерновски не им треба пријава. Им треба причина за бесплатна медиумска пропаганда. До избори, а после изборниот пораз се по старо: изборите биле наместени, а тие ожалостени... до следните.
Во пропагандата на бледоликите, без задршка, се води и ревизија на македонската историја: тие коментираат и негираат значење и поврзаност на Александар и Филип Втори со Македонците. Не признаваат потреби на нацијата за театри и музеи, ниту за знамиња и споменици.
Тоа е гласот на бледоликите кои никогаш, ама баш никогаш нема да остават зад себе ниту еден проект, ниту едно дело. Се мисли на јавно дело.
Нивните приватни дела... е тоа е нешто друго.
Кога и пред својата четириесеттата година живот Рада, Заев и Жерновски ќе стокмат толку станови, куќи и кешовина на своите сметки..., а никогаш не биле на врвот..., тогаш омразата кон различните од нив е, во суштина страв, страв од ревизија на нивните приватни дела..., а и недела. Појава позната во науката.
Или имаш визија или имаш ревизија
Драган ПАВЛОВИЌ ЛАТАС за Вечер
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа