Внимавајте: Споменикот на Тито во Скопје е опасен при ветер

 

Кому му пречи бистата на Тито? Ја поставија граѓани на Скопје и на Македонија кои го почитуваат ликот и делото на Маршалот, а тие се секој ден се побројни. Не ја постави Сојузот на Титови леви сили и затоа немам информација дека за неа нема дозвола. Навистина не знам кој точно стои зад овој проект, претпоставувам дека се тоа членови на СДСМ, партија која е директен наследник на Комунистичката партија. Ние за неа дознавме од граѓани. Но, дека била дивоградба, па тоа е смешно. Ако е скопската гимназија дивоградба, тогаш и бистата е. Јас во овој момент би прашал, имаше ли дозвола за поставување на знамето во Зајас од 40 метри", вака вчера за ВЕЧЕР ги искоментира првиот човек на Титови леви сили Слободан Угриновски, информациите дека споменикот кој е реплика на делото на познатиот вајар Антун Аугустинчиќ ќе се дислоцира, оти за неговото поставување немало дозвола, не бил вцратан во ДУП, а и дека бил опасен за минувачите, бидејќи се држел само на неколку шрафови.

Угриновски, кој два дена претходно од пред споменикот изјави дека за неговото поставување имало техничка документација, изјави дека треба да се постави прашањето кој смета дека Тито е опасен. Надлежните утврдиле дека споменикот-дивоградба е направен од гипс или полиестер, не е добро зацврстен и на посилен ветер може да падне и да повреди некого.

Претседателот на Титови леви сили, Угриновски изјавата за Вечер ја даде телефонски, од Јајце, БиХ, каде што замина пред два дена со делегација од дваесетмина почитувачи на ликот и делото на Тито, за да ја одбележи 70-годишнината од Второто заседание на АВНОЈ кога беше донесена одлука за федерално уредување на Југославија.

 

 

01.12.2013 - 23:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега