Светската трговска организација ги пофали реформите на Македонија

Македонија доби високи оценки за спроведените реформи, забележителниот раст и зголемувањето на конкуретноста во изминатите десет години од Светската трговска организација (СТО).

- Ова за нас е од огромно значење. Веќе се менува комплетно сликата за Република Македонија. Овој извештај на СТО е основа за сите други економски извештаи за земјата и посочува на тоа дека сите реформи што ги спроведува Владата се во вистински правец и директно влијаат на зголемувањето и позитивниот тренд на економијата, изјави заменик-министерот за економија Христијан Делев, која ја предводеше 14-члената македонска делегација во Женева.

Земјата била пофалена за исклучително добрите резултати постигнати во време на Светска економска криза и за превземените реформи. Како за многу важна и позитивна реформа било посочено на креирањето слободни економски зони. Позитивни биле и оценките за условите за почнување бизнис, за реформите во Централниот регистар, Катастарот...

Се оценува дека Македонија е подобра во однос на земјите од регионот, но и од некои земји-членки на Европската унија. Овие констатации, како и оценките од извештаите на Светската банка и на други организации, според Делев, претставуваат охрабрување Македонија да продолжи во иста насока, но истовремено, тие се и охрабрување за странските инвеститори да дојдат во земјата.

Македонската делагеција во Женева во рамките на ревизијата директно одговарала на 94 прашања поставени од претставниците на СТО. Следната ревизија треба да биде за шест години, но доколку Македонија стане членка на Унијата, тоа нема да се случи.

 

30.11.2013 - 15:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега