Меѓународната Паневропска унија: Грцијa да не ја блокира Македонија

 

Меѓународната Паневропска унија уште еднаш се крева против срамното вето што го поставува грчката Влада што ја лишува Македонија од легитимното право на членство во Европската унија, порачува претседателот на Паневропската унија, Ален Тереноар, во соопштение по одржаната 20-годишнина на „Паневропејците“ во Република Македонија, пренесува МИА.

Тереноар во своето соопштение бара едногласност од сите земји - членки за Македонија да влезе во ЕУ, додавајќи дека Грција е единствената од 28-те членки на ЕУ што, според него, го злоупотребува консензусот со ставањето вето за пристапувањето на Република Македонија кон Унијата.

-Независна од 1991 година, Република Македонија ги исполнува задолжителните критериуми да почне со пристапните преговори веќе долго време, но е оневозможена да им се приклучи на другите земји од Југоисточна Европа, како Грција, Бугарија, Романија, Словенија и Хрватска, кои веќе се членки на ЕУ, стои во соопштението од Меѓународната Паневропска унија.

Според Тереноар, „користењето на името Република Македонија како изговор, оти тоа име Грција не го прифаќа, целата ситуација ја прави неразбирлива, бидејќи голем број европски и медитерански земји го задржаа името што се користело во античкиот период со кој етнички и културно тие немаат значителна врска. Ова е токму случајот на Грција во 21-виот век“

Првиот човек на Паневропската унија смета дека никој не може да противречи на фактот дека Република Македонија се наоѓа на територија на која дури и за време на турбулентната историја на Западниот Балкан била македонска, без оглед, како што вели, на границите и територијалните анексии/припојувања“.

- Ова е причината зошто Меѓународната Паневропска унија, која е најстара про-европска организација, бара од Грција да го тргне ветото на процесот на пристапување на Република Македонија кон Европската унија. Дваесет и седум влади и партнери побараа од Грција да покаже идентична солидарност кон ЕУ каква што самата Грција имаше корист во големи количини, се вели на крајот од соопштението на Тереноар. 

28.11.2013 - 14:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега