Во недела отворен ден за воздухоплови на спортскиот аеродром „Стенковец“
Граѓаните на Скопје и на Северна Македонија во недела имаат уникатна можност одблиску да видат дел од воздухопловите кои се користат на вежбата „Swift Response 22“ која се реализира на армискиот полигон „Криволак“.
Дел од отворениот ден за воздухоплови ќе бидат хеликоптерите AH-64 Apache, UH-60 Black Hawk, CH-47 Chinook, HH-60, Mi-17, Bell, авионите Zlin, а во периодот од 11.30 до 12.30 прелет над аеродромот ќе направат авионите A-10 Thunderbolt II, ловците F-16 и авионите Air Tractor.
Отворениот ден ќе биде посетен и од министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на САД, Кејт Брнз и амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј.
Ги повикуваме граѓаните да го посетат отворениот ден за воздухоплови на спортскиот аеродром „Стенковец“ кој започнува во недела на 08 мај, од 10 часот, а ќе трае до 16.00 часот.
Министерството за одбрана организира превоз од спортската сала „Борис Трајковски“ (голем паркинг на салата) до спортскиот аеродром „Стенковец“, со следниот распоред: тргнување од салата „Борис Трајковски“ во 09.30, 10.30 и 11.30 и тргнување од „Стенковец“ во 13.30, 14.30 и 15.30 часот.
За време на отворениот ден, граѓаните ќе можат да се запознаат и со воената професија, како и со содржините на магазинот на Министерството, „Штит“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа