Рилковски: Ќе се потрудам политиката помалку да влијае врз работата на ДИК

Собранието вчера во рамки на 77. седница го избра Никола Рилковски за нов претседател на Државната изборна комисија. Денеска тој даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, заложувајќи се дека професионално ќе ја врши својата функција.

- Најпрвин од овде давам јавна порака дека ќе настојувам политиката што помалку да влијае врз работење на ДИК и врз судбината Избирачкиот список. Ќе ги воспоставм веднаш првите контакти со сите оние што имаат свое влијание врз овој документ: Министерството за внатрешни работи, Државниот завод за статистика, ОБСЕ, НВО така што во тој дел ќе сторам се што е максимално од моја страна за да дојдеме до една ситуација сите контраверзи што се врзани со Избирачкиот список да ги надминеме што побрзо и што поуспешно, изјави Рилкоски пред собранискиот спикер.

Рилкоски истакна дека ќе даде максимум се од себе со својот капацитет, знаење и искуство за што поуспешно работење на ДИК. За Избирачкиот список вели дека очекува откако ќе седне на претседателското столче во ДИК да ги има вистинските информации.

- Имав и разговори со луѓето од партијата која ми ја даде довербата да дојдам на оваа функција, да ми ја дадат слободата да работам онака како што сметам, квалитетно, стручно и се во името на Уставот и законите, изјави Рилкоски.

Никола Рилкоски на функцијата претседател на ДИК доаѓа на предлог на опозициската СДСМ. Тој е правник и поранешен пратеник од оваа партија во Собранието на Република Македонија.

 

22.11.2013 - 13:28
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега