Албанците го слават Денот на албанската азбука

 

Сто и пет години од Битолскиот конгрес на кој било унифицирано писмото на Албанците се одбележува денеска во Македонија. Овој ден е неработен за припадниците на албанската етничка заедница.

Конгресот во Битола бил отворен на 14 ноември и траел до 22 ноември 1908 година. Учествувале 50 делегати од 26 градови, клубови и друштва. На Конгресот била усвоена одлуката да се прифати латиницата со извесни промени на буквите адаптирани на особеностите на албанскиот јазик. Во Битола тогаш присуствувале албански интелектуалци од целиот свет, зашто градот бил конзулски центар и безбедно место. За претседател на Конгресот бил избран Мидхад Фрашери, а потпреседатели биле Лиуѓ Гуракуќи и Ѓерѓ Киријази, чија сестра, Парашќеви Киријази, била единствената жена на конгресот. Киријази го објавиле и првиот буквар со унифицирана азбука за потребите на училиштата. Азбуката прифатена на Битолскиот конгрес денеска се користи секаде каде што живее албанско население.

Сто и пет години од историскиот настан вчера беа одбележани со отворање ново основно училиште во скопската општина Чаир, кое ќе го носи името „Битолски конгрес“.

22.11.2013 - 09:46
Фото: 
24вести

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега