Котевски учествува на конференција на началници на земјите-членки на Јадранската група

 

Генерал-мајор Горанчо Котески, од денеска до 22 ноември учествува на 17. Конференција на началниците на генералштабовите од армиите на земјите-членки на Јадранската група што се одржува во Сараево, БиХ.

Домаќин на Конференцијата е началникот на Здружениот Штаб на Вооружените сили на Босна и Херцеговина, генерал-мајор Анто Јелеч, а покрај учеството на началниците на ГШ на армиите од земјите-членки на Јадранската група (Македонија, Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора), на конференцијата присуствуваат и началникот на ГШ на Војската на Србија, заменикот на началникот на ГШ на Вооружените сили на Словенија, заменикот на командантот на Европската команда на САД (УСЕУЦОМ) и командантот на ЕУФОР.

На отварањето на конференцијата се обрати министерот за одбрана на БиХ, Зекеријах Осмиќ, а главна тема за учесниците е „Пост ИСАФ приоритетите во одржувањето на капацитетите за колективна одбрана“.

На седумнаесеттата средба на началниците на ГШ од армиите на земјите-членки на Јадранската група, како што соопшти ГШ на АРМ, се разговараше за искуствата и научените лекции од учеството во меѓународните мисии предводени од НАТО, планирање на обука и вежби во функција на подготовките за пост ИСАФ периодот, како и регионалниот пристап кон одбраната на воздушниот простор.

 Генералот Котески истакна дека АРМ и Република Македонија како членка на Јадранската група, иако ги исполни НАТО критериумите, е заложник на непринципиелен пристап во нејзината заложба за полноправно членство во НАТО и тоа треба да го анализира и разбере секоја земја членка на НАТО.

По завршувањето на работната сесија од конференцијата, началниците на генералштабовите на армиите од земјите-членки  на Јадранската група потпишаа заедничка изјава со која се потврдува понатамошната соработка во рамките на оваа регионална иницијатива поддржана од САД, како и подготвеноста за развивање на капацитетите за обука во функција на учество во идни операции предводени од НАТО.

20.11.2013 - 14:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега