Седница на Комисијата за здравство

 Комисија за здравство денеска на седница констатира дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување во прво читање е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски во образложението на измените во Законот извршени во неколку членови, рече дека со членот 1 од Предлог-законот се предвидува извршен член на одбор на директори во трговско друштво, член на управен одбор во трговско друштво, односно управител во трговско друштво доколку не е осигурен по ниеден друг основ, да подлежи на задолжително здравствено осигурување. 

- Со членот 2 од Предлог-законот се предвидува условот осигурувањето да било во траење од најмалку 6 месеци да не се применува и во случаите кога осигурениците чиј брачен другар бил упатен на работа во странство во рамки на меѓународно-техничка соработка, просветно-културна и научна соработка во дипломатски и козуларни претставништва, на стручно усовршување или образование со согласност и за потребите  на работодавачот и по тој основ му мирува работниот однос, во рок од 15 дена од денот на престанување на работата на неговиот брачен другар во странство ќе се вратат на работа кај работодавачот кај кој му мирува работниот однос, рече Андовски.

Исто така, посочи тој, во случај кога осигуреникот на кој му мирува работниот однос поради користење неплатено родителско отсуство, придонесот за здравствено осигурување се плаќа преку програма на Министерството за здравство и за периодот во кој му мирува работниот однос заради неплатено родителско отсуство, се смета дека нема прекин во здравственото осигурување.

- Во членот 3 од Предлог-законот се предвидува министерот за здравство да може да издаде одобрение за изработка и користење на времен факсимил во ЈЗУ од страна на лекар корисник на пензија кој би избран во наставно звање редовен или вонреден професор односно на лекар ангажиран во ЈЗУ со договор согласно Законот за медицинските студии и континуирано стручно  усовршување на докторите на медицина или Закон за здравствена заштита. Времениот факсимил може да се употребува во ЈЗУ во период од три години од издавањето на одобрението за изработка и користење на времениот факсимил без можност за повторно издавање на одобрение, истакна Андовски.

Појасни дека со член 4 се врши измена во делот на склучувањето на договорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија со здравствените установи.

- Се предлага решение со кое се врши усогласување со Законот за здравствена заштита во делот на времето на важење на договорите согласно важењето на лиценцата за вршење здравствена дејност во мрежата на здравствени установи. Се воведува и друга можност за електронско склучување на договорите меѓу Фондот и здравствените установи, рече Андовски.

Додаде дека со членот 5 од Предлог-законот се предвидува одложување на рокот за отпочнување со пререгистрација на индивидуалните земјоделци во носители на семејно земјоделско стопанство од втора и од трета категорија, а со членот 6 е предвидена одложена примена на одредбата за привремен факсимил до 31 декември 2019 година

20.11.2013 - 14:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега