Ристовски: Се менуваат улогите на наставниците и училиштата

 

Во Охрид  денеска беше отворена дводневна регионална конференција за методите со кои ќе се подобри улогата на наставниот кадар и образовниот систем во Македонија. Свое обраќање за време на конференцијата имаше и македонскиот министер за образование и наука, Спиро Ристовски.

- Нашиот најголем партнер во спроведувањето на овие реформи се токму наставниците, тие ни се денеска главната цел, пред се методите за нивна мотивација во подобрување на наставниот процес во целина. Очекувам дека финалните заклучоци од конференцијата ќе резултираат со регионални тренинзи и обуки посветени на наставниот кадар, рече Ристовски.

Според министерот, независно од каде доаѓаат наставниците проблемите се слични, а меѓу нив се вбројуваат интензвирање на користењето на информатичката технологија, познавање странски јазици и методолошкиот принцип на пренесувањето на знаењата на учениците.

- Свесен сум дека некои од реформите се прифаќаат полесно некои потешко, но сите заеднички мора да работиме на континуирано подобрување на образовниот процес. Тоа е жива материја, не се организира еднаш засекогаш односно тој постојано се менува, заклучи тој.

Десанка Радуновиќ претседател на Националниот совет за образование на Република Србија, укажа на потребата секоја од државите од регионот да има стратегија и планови за подобрување на образовниот систем, што ќе бидат препознаени и поддржани од ЕУ, пред се преку искористување на примерите на добра практика.

 

- Периодот на транзиција остави длабоки траги и врз образовните системи на земјите од регионот. Образовниот систем тешко се урива, но исто така и тешко се гради. Стравувам дека некако низ таа транзиција премногу се посвети внимание на приватизацијата во обраозванието, што не е лошо доколку истото се спроведува преку осмислена стратегија и контрола на квалитетот, истакна таа.

19.11.2013 - 13:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега