Граѓаните да не земаат антибиотици на своја рака
Здравствените власти денеска повикаа граѓаните да не земаат антибиотици на своја рака, и истите да ги користат порационално, разумно и повнимателно. Фондот за здравствено осигурување на Македонија за антибиотици на рецепт во изминатите три односно четири години плаќа околу седум милиони евра, а заедно со антибиотиците што се трошат во болниците, се стигнува до проекција од 12 милиони евра.
- Oна што е алармантно е користењето на антибиотици на своја рака, без посета на матичен лекар или соодветен лекар. Врз основа на анкета што ја спроведе Фондот неодамна констатирано е дека минимум 30 проценти од обемот што одат на товар на ФЗОМ се користат вон медицинските препораки. Споредено со Словенија, 2,5 пати користиме повеќе антибиотици. Тоа е алармантен податок, изјави директорката на ФЗОМ. Во Македонија, според неа, најмногу се трошат пеницилините.
Директорката на ФЗОМ додава дека Македонија треба да биде двојно повеќе загрижена во споредба со развиените земји дека наскоро можеме да станеме резистентни на постојните антибиотици.
– Навистина треба повнимателно да ги користиме за да станеме поспоро резистентни и да обезбедиме лек за нашите идни поколенија, рече Парнаџиева Змејковска и најави сет мерки на ФЗОМ за порационална употреба на лековите.
Професорот Никола Пановски, претседател на меѓусекторката комисија, ги повика граѓаните да не им вршат притисок на лекарите да им препишуваат антибиотици.
- Целта е рационално и разумно употребување на антибиотиците, како од страна на луѓето кои што ја кројат политиката во здравството така и од оние кои што ги произведуваат и рекламираат антибиотиците, зголемување на свеста за рационално препишување од здравствените работници и секако правилната употреба на антибиотиците од страна на пациентите, изјави Голубинка Бошевска од Институтот за јавно здравје.
Македонија од 2009 година има легислатива и обврска да ги пријавува резистентните слоеви. – Најново се обидите на Македонија да ги стандардизира и да ги хармонизира системите за следење на резистенција со другите европски и светски држави. Во таа насока од оваа година со помош на СЗО се приклучивме кон т.н систем за следење на антимикробна резистенција, при што се следи отпорноста на микроорганизмите и бактериите изолирани од тешки инфекции, изјави Бошевска.
Канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје денеска промовираше видео со кое ги повикува граѓаните да не земаат на своја рака антибиотици, а заедно со Министерството за здравство организираше стручен состанок за „Имплементација на EUCAST-водичот во микробиолшките лаборатории во Македонија“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа