Седница на Мешовитиот комитет: Продлабочување на соработката меѓу Македонија и Косово
Во Скопје денеска се одржа третата по ред седница на Мешовитиот комитет на Македонија и Косово. Акцент беше ставен на енергетиката, инфраструктурата, решавањето на ситните отворени прашања и турзмот.
- Целта на денешниот Мешовит комитет е да ги отвориме сите прашања меѓу двете влади за да се интензивира економската соработка. Факт е дека постојат мали проблеми, но тие се со преоден карактер и затоа сме денеска тука за да ги затвориме. Се надевам дека во иднина нема да се доведеме во ситуација како што бевме пред два месеца кога се наруши имиџот на двете земји пред меѓународниот фактор и директно беа оштетени и граѓаните и компаниите, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини кој претседаваше со Комитетот од македонска страна.
Тој нагласи дека двете земји договориле комуникацијата да продолжи и понатаму.
- Косово е многу значаен и битен економски партнер на Република Македонија и го зазема второто место во делот на извозот веденаш после Германија. Трговската размена за првите девет месеци од годинава е 208 милиони долари, но има огромен потенцијал таа да се дуплира. Сметам дека е потребно соработката повеќе да се интензивира во делот на стопанските комори, односно меѓу компаниите и да се направи заедничка стратегија за настап на трети пазари, рече Сарачини и додаде дека се договориле во февруари да се организира бизнис форум меѓу компании од двете земји.
Претседавачот од косовска страна, министерот за економски развој Фадиљ Исмаили посочи дека годинава имало мал пад во соработката меѓу двете земји, но нагласи дека се надева оти веќе во наредната година соработката ќе се интензивира.
- Можеби имало мали недоразборања во минатото во делот на размената на стоки и услуги, но тие се надминати. Тука сме за да ги слушнеме сигналите од претпријатијата и луѓето. Ве уверувам дека ќе се залагаме да создадеме услови за што поблиска соработка во услужните и економските дејности, но и меѓу луѓето. Во таа насока говоревме за отворање нови гранични премини, рече Исмаили, нагласувајќи дека го информирал министерот Сарачини и до каде се работите за изградба на автопатот Приштина Скопје.
Министерот Сарачини прецизира дека од македонска страна се размислува за начинот на финансирање на делот од автопатот од Скопје до граничниот премин Блаце.
- До крајот на годинава треба да се прецизира дали ќе одиме со барање на концесионер кој би го изградил автопатот или, пак, ќе се обидеме со друг начин на финасирање, рече Сарачини.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа