Иванов: Говорот на омраза е повредување на правото на човечко достоинство

Претседателот Иванов денеска се обрати на Националната конференција за политички и меѓурелигиски дијалог и култура на толеранција која се одржува во организација на Македонската академија на науки и уметности по повод Меѓународниот ден на толеранцијата. 

Во своето обраќање, шефот на државата истакна дека говорот на омраза е повредување на правото на човечко достоинство, а омразата води до повредување на основните човекови права. Иванов посочи дека пре три дена, Македонија беше избрана за членка на Советот за човекови права на Обединетите нации: - Тоа е признание, привилегија, но и голема обрвска. Континуирано и на дело, Република Македонија се залага за заштита и за промовирање на човековите права и правото на човечко достоинство, рече Иванов и додаде дека е потребно да се создадат механизми за  борба против говорот на омраза на Интернет без ограничување на слободата на изразување.

Пред присутните, Иванов посочи дека  македонскиот модел, кој е граден со векови, е модел на интеграција без асимилација, модел на почитување и прифаќање на различноста, модел што во својата основа подразбира создавање простор во нас самите за да го примиме другиот без да го претопиме или без самите да бидеме претопени во нечиј друг идентитет.

- Во срцевината на македонскиот модел е сфаќањето дека другите култури не се закана за нечиј идентитет, туку потенцијален извор на негово збогатување. Ние како политички, општествени и верски лидери треба да им дадеме пример на граѓаните, на младите, на верниците, да праќаме позитивни пораки за помирување и за соживот, пораки за јавна пристојност, пораки што треба да помогнат во зачувување и промовирање на она што е највредно, што е дел од нашата традиција на заемна доверба и почит, додаде претседателот Иванов.

Во своето обраќање и претседателот на МАНУ, Владо Камбовски рече  дека правото на толеранција, подразбирајќи потполно уважување на постоечките разлики меѓу луѓето врз национална, етничка, верска, политичка, социјална или која и да е друга основа, подразбира дијалог и разбирање, но и должност за нетолеранција кон каква било неправда, дискриминација или насилство спрема другиот.

- Во мултикултурното и плуралистичко општество какво што е македонскто, политиката, религијата, средствата за масовни комуникации, образованието и другите општествени координативни фактори, се должни да го уважуваат правото на толеранција и да ја поддржуваат и шират културата на толеранција како претпоставка за почитување и остварување на основните човекови слободи и права, истакна Камбовски.

Шефот на мисијата на ОБСЕ, Ралф Брет потенцира дека заемното почитување треба да биде основа за односите меѓу различните верски групи и поединци, додека Аиво Орав, кој исто така беше дел од конференцијата, истакнува дека преку толеранција меѓу сите различни групи и конфесии може да се дојде до заеднички успеси.

15.11.2013 - 11:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега