Од денеска ќе "летаат" казни ако не поседувате зимска опрема во вашиот автомобил

Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, од денеска моторните возила и работните машини ќе мора да поседуваат зимска опрема. 

Во членот 11 од  Правилникот за задолжителна опрема на возилото, велосипедот и запрежното возило за безбедно учество во сообраќајот на патиштата, како и на трактори за безбедно извршување на земјоделски, односно шумски работи“ прецизно е наведена зимската опрема по категоризација на возила, што возачите мора да ја поседуваат во своите возила во наведениот период.

Имено, во правилникот по однос на потребната зимска опрема прецизирано е следното:

1.    Како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 кг. се подразбира:  

-        зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од 4 mm.

-        пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 mm. ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Потоа, (2.) како зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4 x 4 ) се подразбира:

- зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од 6 mm.

- пневматици со летен профил на сите тркала, со длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 mm. Ако во возилото во приборот има синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.

3. Како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 кг. се подразбира: 

- зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите што газат по обем и широчина, од 6 mm.

- пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од 4 mm. ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

- автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала, и

- прирачен алат – лопата.

4. Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „МЅ“, „М+Ѕ“, „М&Ѕ“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

5. Во согласност со овој правилник, во патниот сообраќај на возилата не се поставуваат пневматици со клинци.

- Согласно со законските одредби, униформираните полициски службеници може да наредат возачот да го прекине натамошното движење и кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење на зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно задолжително да ја постави на возилото зимската опрема. Притоа, граѓаните треба да имаат предвид дека глоба во износ од 15 евра во денарска противвредност, во мандатна постапка, ќе му се изрече на возачот кој постапува спротивно на одредбата од членот 404 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, соопшти МВР

Обврската ќе трае до 15 март идната година.

15.11.2013 - 09:27
Фото: 
24вести

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега