Јавна расправа: Како до подобра грижа и третман за лицата што живеат со ХИВ

Во организација на Комисиите за еднакви можности на жените и мажите и здравство во соработка со Групата за поддршка на лицата што живеат со ХИВ - Заедно посилни и Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А. денеска се одржа расправа за подобра грижа и третман на лицата со ХИВ.

Да се предвидат доволно средства за обезбедување антиретровирусна терапија за ХИВ/СИДА и тестови за следење на инфекцијата, продолжување на тенденцијата на зголемување на средствата за третман и превенција имајќи предвид дека по 2016 година земјата нема да има право на донации од Глобалниот фонд, консултација на НВО при подготовка на превентивните програми, се дел од заклучоците од јавната расправа „Како до подобра грижа и третман за лицата што живеат со ХИВ во РМ“.

Владата на Република Македонија во предлог-буџетот за 2014 година предвиде значително поголем буџет за Програмата, па од осум милиони денари колку што изнесуваше буџетот на Програмата за 2013 година, проектираните средства од основниот буџет за следната 2014 година изнесуваат 20 милиони денари.

Националниот координатор за ХИВ/СИДА во Македонија проф. Звонко Миленковиќ истакна дека Македонија е далеку подобра во оваа проблематика од сите во регионот: -Успеавме да обезбедиме терапија за сите пациенти. Имаме многу високо ниво на сигурност со податоците со кои располагаме, имаме интегрирана електронска база, вели д-р Миленковиќ појаснувајќи дека за лековите што не беа набавени имало замена, медикаменти кои имаат идентична ефикасност и безбедност.

Јованка Костовска од Министерството за здравство истакна дека од осумте милиони денари предвидени оваа година за антиретровирусна терапија се предвидени шест милиони додека два се за други потреби. 

Претставникот на УНИЦЕФ Бертранд Демулан истакна дека обезбедувањето лесен пристап до антиретровирусната терапија е заедничка цел.

Од пратеничката група на СДСМ информираат дека поднеле амандман на Предлог буџетот за Програмата за ХИВ/СИДА со кој се бара уште 22 милиони денари за оваа намена, кои, како што појаснуваат, би се искористиле доколку се зголеми потребата за антиретровирусна терапија.

Инаку, во Македонија вкупно има регистрирано 194 лица со ХИВ/СИДА, од кои 71 се починати, 95 живи, 74 се на антиретровирусна терапија. Оваа година досега има регистрирано 25 новопријавени, а во 2012 година тој број изнесувал 24. Оваа година три лица болни од сида починале, но нивната болест била откриена во терминална фаза.

14.11.2013 - 15:50
Фото: 
Кајгана

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега