„Планинари, помош" - искусни алпинисти се симнале во бездната да му помогнат на младиот Атанас

 

Битолскиот планинар Петар Ставрев си ја отвори душата за Дневник, и раскажа како се случила трагедијата на Солунска глава во која животот го загуби 24-годишниот Атанас Лиасовски.

- Бараа помош очајно. Ги слушнавме извиците: „Планинари, помош, планинари, помош!“ Неколкумина млади извикуваа на цел глас оддалечени стотина метри од изворите на реката Бабуна под Солунска Глава. Се стрчавме да им помогнеме и погледнавме кон правецот каде што панично покажуваа. Сликата беше стравотна. Во бездна длабока 80 метри крај реката лежеше младиот планинар, кој изгледаше беспомошно, вели планинарот за Дневник.

Момчето за прв пат се искачувало на Јакупица, а со него била и неговата девојка и другари. Тие се разминале со  деветмина планинари од Битола, кои го посетиле изворот на Бабуна. Младиот планинар се лизнал и паднал во провалијата по само неколку минути, а откако ги слушнале извиците за помош, групата планинари веднаш притрчала да помогне на младото момче.

Искусниот битолски алпинист Благојче Лазаревски веднаш и без размислување слегол во стрмната бездна. Лазаревски, кој некогаш беше дел од експедицијата на Димитар Илиевски-Мурато, првиот Македонец што се искачи на Монт Еверест пожртвувано се спуштил долу, но момчето кое имало тешки повреди на главата за жал го загубило животот.

- Пулсот првин му беше слаб, а потоа не се чувствуваше – раскажува Ставрев за Дневник.

Полицискиот хеликоптер дошол околу 17.30 часот, по што со сајла долга стотина метри било извлечено телото на младиот планинар.

 

11.11.2013 - 10:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега