ФОТО: Канческа-Милевска се обрати на Генералната конференција на УНЕСКО
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска синоќа во седиштето на УНЕСКО се обрати пред учесниците на 37-то заседание на Генералната конференција на УНЕСКО во Франција.
-Горди сме на придонесот што го вложивме во промовирањето и имплементирањето на активностите и иницијативите на Организацијата како на национално, така и на регионално и меѓународно ниво, рече министерката за култура и изрази надеж дека Генералната конференција на УНЕСКО ќе овозможи поставување на нови цели, кои во духот на заложбите на УНЕСКО ќе ја унапредат соработката и ќе ја стават во функција на потребите на граѓаните на нашите држави.
Министерката истакна дека во периодот меѓу двете генерални конференции на УНЕСКО Македонија реализираше низа активности кои ги збогатија нашите искуства во доменот на културата, образованието, информатичкото општество, животната средина и другите области.
-Република Македонија е подготвена да го продолжи својот конструктивен придонес во исполнувањето на таа цел и токму затоа, и во иднина ќе се залагаме за зачувување на мирот, продлабочување и развивање на демократските процеси во сите домени на општественото живеење, заштита и унапредување на човековите права и слободи, подобрување на животниот стандард, сестрана соработка со соседите, со Европа и со сите земји во светот - нагласи министерката за култура во своето обраќање во седиштето на УНЕСКО.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа