Осигурениците со поголеми права - ортопедски чевли ќе се добиваат два пати годишно

 

Директорот на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејкова, денеска на прес-конференција истакна дека од 12-ти месецов стапуваат во сила новите права за ортопедските и други помагала, објавени во Службен весник на Република Македонија. Таа потенцираше дека новите измени значат поголеми права за осигурениците кои ги користат ортопедските помагала, и нови трошоци за ФЗОМ во вредност од околу 15 милиони денари годишно.

- Измените се групирани во осум дела: прво новите протези за долни екстремитети-вештачки нозе, право кое досега беше овозможено на секои три години, сега го овозможуваме на секои две години за лица од 18-65 години. Оваа новина е по барање од Националниот сојуз „Мобилност“. Ова право го користат 627 лица, правото до миоелектрична протеза за горен ектрремитет, ќе се оствари на секои две години, односно има скратување од 36 на 24 месеци за деца од 6 до 18 години. Ова право воедно е и најсофистицирано, бидејќи станува збор за мобилна вештачка рака, рече Парнарџиева Змејкова.

Директорката на ФЗОМ посочи и дека се намалува партиципацијата за надколените и подколените ортози од досегашните 100 денари на минимум законски износ од само 10 денари.

- Се овозможува и почесто да се менуваат ортопедските чевличиња и за дечиња до 7 години. Ако досега можеле да ги менувале на товар на Фондот еднаш во годината, сега истото можат да го прават два пати во годината. Се скратува рокот и за деца и млади од 7 до 18 години кои наместо еднаш годишно, ова право сега ќе го остваруваат на 9 месеци (по барање од Националниот сојуз „Мобилност“ и осигуреници). Оваа новина е на задоволство на 5.032 лица во просек годишно, потенцира Парнарџиева Змејкова.

Со измените се предвидува и на секои две години жените да имаат право да добијат ортопедско помагало – вештачка дојка, а воедно е предвидено и воведување ново помагало - привремена очна протеза за сите возрасни групи кое ќе го користат 53 лица.

- Новините се однесуваат и на: поголем избор на ортопедските помагала Подколен апарат со скочен зглоб и метална сандала и Радијалис апарат со воведување софистицирани сериски прилагодувања (по барање на ортопедски куќи), како и полесно да се дојде до ортопедското помагало Надколена корективна лонгета со корекција на контрактури во колено и скочен зглоб со специјалност хирург (по барање на Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје).  Наместо со препорака од ортопед, сега може и од хирург, рече Парнарџиева Змејкова.

Таа надеж дека измените ќе придонесат за поквалитетен живот на овие групи на осигуреници.

- Фондот од вкупниот буџет троши два проценти за ортопедски помагала, или во последните три години од 350 милиони денари годишно износот се зголеми на 450 милиони денари. Најголемите три ставки во делот на ортопедските помагала се издвојуваат за: пелени (160 милиони денари), кеси за стоми - вештачки отвори 65 милиони денари и ортози за р'бетен столб 49 милиони денари, додаде Парнарџиева Змејкова и најави големи контроли од страна на Фондот за да се осигура дека нема да  постојат злоупотреби при остварувањето на овие права и дека вистинските осигуреници ќе ги добијат вистинските ортопедски помагала на задоволство на осигурениците.

06.11.2013 - 14:13
Фото: 
Пулс24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега