Германија би можела да посредува во грчко-македонскиот спор за името

 

Пратеникот на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот, Јирген Климке, во интервју за Дојче Веле, вели дека Германија би можела да посредува за грчко-македонскиот спор за името.

Пратеникот за  Дојче Веле исјавува дека Германија како една од најважните земји во Европската унија, во услови кога ЕУ е „неподвижна“, би можела да посредува во спорот за името и дека во земјава и натаму остануваат актуелни трите големи предизвици: ЕУ и НАТО интеграциите, меѓуетничкиот соживот на Македонците и Албанците и подобрување на социјалната состојба со намалување на невработеноста.

- Овие работи се важни како за Македонија, така и за ЕУ, но поради спорот за името не може да се исчекори нанапред. За нас Германците е важно и Грција и Македонија да ги имаме во ЕУ. Како една од најважните земји во ЕУ, Германија тука би можела да модерира, да понуди цврсти опипливи предлози преку кои би можело да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите, нагласува Климке и додава дека од новата Влада ќе побараат да се ангажираат во посредувањето и да се ориентираат кон решение. Да нема само зборови и конференции без решение, туку да има резултат.

- Грција има повеќе отворени прашања како на пример поделениот Кипар, а секако и спорот околу името со Македонија. Ако сакаме да и помогнеме на Грција треба да очекуваме еден вид противуслуга. Грција дополнително очекува поддршка од нас и од ЕУ околу бегалците во однос на ФРОНТЕКС. Ова би била разумна поддршка, но ние би морале да кажеме и вие мора малку да се придвижите кај нерасчистеното прашање околу Македонија. Тоа е форма на деловност, би кажал вид на давање и земање, израмнување во кругот на семејството, забележува Климке.

Парламентарецот од пратеничката група на демохристијаните во новиот состав на Бундестагот, Петер Вајс на шест недели пред состанокот на Европскиот совет вели дека е тешко да се говори за некоја перспектива за почеток на пристапни преговори на Македонија за членство во ЕУ.

- Толку долго се измачуваме со пристапниот процес, претрпевме толку неуспеси, што ми е навистина тешко да говорам за некаква перспектива. Но, мислам дека предлогот на комесарот за проширување Филе навистина може да придонесе со Македонија да се оди напред, зашто за македонскиот народ е неподносливо што поради спорот за името, толку години мора да чека на конкретен старт на пристапните преговори, коментира Вајс и додава дека  Грција е релативно осамена, но ја користи можноста со својот глас да го блокира пристапниот процес на Македонија. Германскиот Бундестаг пред повеќе години донесе многу јасен заклучок за Македонија околу спорот за името и се стави на страната на Македонија. Во јасниот став на германскиот Бундестаг по ова прашање нема сомневање. И секако парламентарците ја притискаат владата во прашањето околку Македонија да дојде до добро решение. Сите напори, меѓутоа, се попусти ако Грција не се придвижува. Ова го доживуваме повеќе години, образложува Вајс.

 

06.11.2013 - 10:14
Фото: 
деневник

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега