Ховит со три препораки за Македонија до декемврискиот самит

 

Специјалниот известувач за Република Македонија во Европскиот Парламент, Ричард Ховит, кој веќе трет ден е во посета на Македонија, истакна дека во имплементацијата на препораките од Анкетната комисија, напредок во постигнување договор со Бугарија и видлив напредок во слободата на изразување, се трите области на кои Македонија треба да работи во периодот до декемврискиот самит на ЕУ за да ги убеди земјите членки да определат датум за преговори или да направат суштински чекор во тој правец.

- Од суштествено значење е да се направи што е можно поцелосен прогрес во имплементацијата на препораките од Анкетната комисија во Собранието со политички консензус меѓу партиите за да не се остави можност минатогодишните настани во однос на донесување на буџетот да се повторат оваа или која било друга година. Владејачките и партиите од позицијата треба со заемен респект и дијалог колку и да е тоа тешко да се придржуваат кон Меморандумот што го потпишаа за евроатланската интеграција на земјата да ја стават прва на агендата, рече Ховит.

Ховит во своето обраќање се освна и на минатонеделната средба на премиерот Никола Груевски со бугарскиот колега Пламен Орешарски и изрази надежза постигнувањето договор меѓу двете земји.

Во однос на слободата на изразување се осврна и на случајот со новинарот Томислав Кежаровски. - ЕУ се залага за принципот за независност на судството. Сепак, легитимно е да ја изразам мојата сериозна загриженост во однос на некои елементи од случајот. Загрижен сум за овој и други случаи во однос на траењето на притворот и условите во кој се издржува бидејќи осомничените мора да се сметаат за невини додека не се докаже поинаку. Загрижен сум и за пречестото одредување на оваа мерка, како и за создавањето впечаток дека одлуките да се процесираат обвиненијата се одредени од политички, а не од правни причини,  рече британскиот европратеник. Според него, ваквите случаи можат да влијаат на создавање страв меѓу новинарите, уредниците и сопствениците на медиуми, што резултира со ограничување на истражувачкото новинрство и самоцензура.

Известувачот во Европарламентот, на прес конференцијата го поздрави повторното отворање на канцеларијата на ЛГБТ-заедницата и ги осуди нападите на овој центар, упатувајќи апел до политичарите и тие да ги осудат, а до судските власти да работат на откривање и казнување на сторителите.

Инаку, посетата на Ховит доаѓа по објавувањето на Извештајот за напредокот на Македонија.

30.10.2013 - 13:20
Фото: 
економски.мк

најчитано сега