Кацин: Дури и Грците се шокирани од последниот предлог на Василакис

 

 

Словенечкиот пратеник во Европскиот Парламент Јелко Кацин за МИА изјави дека нема надеж за решавање на спорот за името и дека дури и грчката европратеничка Марија Елени Копа била шокирана од веста дека грчкиот учесник во неодамнешните разговори за името предложил Република Македонија да се преименува во „Славјанско-албанска Македонија“.

- Состојбите не се зрели за решение. Марија Елени Копа денеска беше во шок кога и кажав каков е нивниот официјален предлог за името. Не можеше да поверува во тоа какво нешто предложиле, изјави словенечкиот пратеник во Европскиот Парламент Кацин, кој престојува во Вашингтон со група европратеници меѓу кои е и Копа од грчката партија ПАСОК, која во минатото била забележителна со своите изјави за спорот за името.

Кацин ја употреби шокираноста на грчката колешка да илустрира колку е далеку можноста за решавање на спорот за името, за кое словенечкиот евро-пратеник сепак првенствено ја обвинува Македонија.

Амбасадорот Метју Нимиц, на средбата во Њујорк, кажа дека немало напредок и дека двете земји остануваат со големи разлики во своите ставови, но не прецизираше за конкретните предлози што ги дале учесниците. Весникот Дневник, пак, пишува дека Адамантиос Василакис предложил решение за името да биде Славјанско-албанска Македонија.

Кацин, на средбата на дел од евро-пратениците која се организираше во Атланскиот совет на САД, каде се разговараше за перспективите на Источна Европа, побара од САД да се направи ангажман за проширување на НАТО на самитот кој треба да се одржи во Лондон во 2014 година, но само со Црна Гора, а без Македонија, за која вели дека состојбата со спорот за името е нерешлива. Контроверзниот Кацин, кој е известувач на Европскиот Парламент за Србија, притоа Црна Гора ја нарече „џуџеста земја“, но рече дека е подобро да има проширување со „Лилипут“, отколку уште еден самит на НАТО да помине без проширување.

- Ќе има самит на НАТО следната година, но засега во Вашингтон проширувањето не е на агендата, барем се уште не. Имаме еден кандидат, и тоа е Црна Гора. Подобро „Лилипут“ отколку ништо. Тоа би било добра порака за Босна, а би била и исклучително важна порака за Србија дека се создаваат услови и за нивен прием во иднината, изјави Кацин, чија споредба на Црна Гора со земјата на џуџињата од Гуливеровите патувања предизвика општа смеа меѓу учесниците на расправата во Атланскиот совет.

Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Грузија имаат статус на аспирантки за членство во НАТО, при што за Македонија се смета дека ги исполнува условите за прием уште од 2008 година, кога не доби членство поради грчкото вето, додека од другите три држави, Црна Гора се смета за најнапредната во кандидатурата.

На прашањето на МИА зошто не ја вброи и Македонија во повикот за проширување на НАТО на следниот самит, Кацин изјави дека Македонија не покажала дека сака да се постигне решение за спорот и дека поради тоа нема можности да се очекува проширување на НАТО. Кацин изјави дека поради непочнувањето на преговорите, Европската Унија нема никаква можност да изврши притисок врз Македонија.

- Во ситуација сме да немаме доволно влијание врз Грција, а врз Македонија немаме никакво влијание. Ние во Европската Унија сме подготвени да ја преземеме одговорноста од рацете на амбасадорот Нимиц и да го водиме процесот, но мораме да имаме гаранции дека премиерот Груевски е подготвен да го стори тоа, изјави Кацин

30.10.2013 - 09:17

најчитано сега