Виница: Сопственик на хотел физички нападнал инспектори на УЈП

Двајца даночни контролори од Регионалната дирекција Скопје биле спречени во вршење на службените должности, а едниот бил и физички нападнат од Петре Анѓелов, сопственик на хотелот „Шагал“, лоциран во близина на Виница, соопшти Управата за јавни приходи (УЈП).

Во текот на контролата, даночниците откриле дека сопственикот води интерни евиденции за остварениот промет. Додека траел увидот во документацијата, се вели во соопштението, двајцата даночни контролори биле вербално навредувани, а  во моментот кога ја откриле неправилноста во работењето, сопственикот на хотелот физички  го нападнал даночниот контролор кој вршел увид во интерната документација и брутално му ја одзел, со што оневозможил увид во истата од страна на службените лица од УЈП. По инцидентот, случајот е пријавен во полициската станица Виница, а сопственикот на објектот е приведен.

За сопственикот на хотелот, од страна на УЈП е поднесена кривична пријава, изречени се глоби за попречување на контрола во висина од 4. 000 евра, за неиздавање фискални сметки 3.250 евра, како и забрана за вршење дејност во траење од 15 дена.

- Според податоците од терен, во контролите кои беа спроведени во Кочани и Виница утврдени се неправилности во работењето кај 10 објекти за кои исто така се изречени глоби во висина од 3 250 евра, како и забрани за вршење на дејност. Контролите се во тек и ќе продолжат во наредниот период, соопшти УЈП

25.10.2013 - 19:10

најчитано сега