Марјан Николовски: Зошто не бев на протестот за Кежаровски?
Уште пред да се случи протестот за Томислав Кежаровски ги знаев насловните страници на одредени медиуми и интернет портали во Македонија. Иако исценираниот план не одеше како што треба, сепак тоа не беше причина насловните да бидат како што и беа замислени. Пресликани. Во еден глас, во еден стил. Во неколку медиуми. “Полицијата удри по новинарите”, “Пендрек демократија за новинарите”, “Спречен протестот на новинарите”…. Овие насловни страници само го отсликаа мотивот на протестите, а тој ниту оддалеку не беше да му се помогне на Кежо. Можеби кај некои кои искрено беа таму- ДА!. Но, кај оние кои го преземаа протестот и беа најгласни, мотивот беше друг. Јасно читлив од новинарските извештаи потоа. Лага е дека новинарскиот протест беше спречен и тоа отворено треба да се каже. Не да се молчи, туку јасно и отворено треба да се соопшти, без разлика дали за тој став ќе бидете осудени и квалификувани како “владини мегафони”. Тоа сите го знаат кои беа таму, а и кои ги гледаа снимките. Што всушност се случи. На почетокот од протестот немаше специјалци, туку имаше десетина редовни полициски службеници и тоа сите го знаат, но незнам зошто молчат за тоа. Кордонот од полициски специјалци се појави во оној момент кога една група од десетина лица се обиде да ја помине линијата која полицијата, со апсолутно право ја зацртала како последна точка на движење до институцијата музеј на револуционерната борба. Според слободна проценка тоа се педесетина метри од влезот на Музејот. Должност на секој кој сака јавно и демократски и слободно да протестира е да ги почитува полициските насоки, не само во оваа Македонија, туку секаде во светот, во која сакаате држава. Чесно е отворено и јасно да се каже дека немаше да дојде до никаков контакт, ниту пак до појавување на специјалците, ако не беше обидот насилно да се помине зацртаната безбедносна линија. Но, бидејќи целта беше провокација, барем на поединци, се случи тоа што се случи. Јас сакам некој искрено и отворено да ми одговори, дали и кој е ефектот од каков било протест ако тој е 50, 20, 10 или 100 метри од институцијата пред која се одржува? Ист е ефектот, освен ако не сакате да мавате со камења и јајца, па целта да Ви биде поблиску. А јас верувам дека новинарите не се собраа во средата да ја каменуваат музејската зграда.
Знаете што, МАН-Македонската асоцијација на новинари летово организираше протест пред грчката канцеларија за врски во Скопје, редовно пријавен, уредно најавен и со јасна цел. Кога дојдовме во точно дефенираниот термин, полициски службеници ја имаа блокирано целата улица пред грчката амбасада. Последната линија на движење, според полициските проценки беше на аголот од улицата. И ние бевме револтирани зошто не можеме пред амбасадата да го изразиме нашиот револт, но не удривме на десетината полицајци и не ни размислувавме да влеземе во судир, затоа што нашата цел не беше таа, туку сакавме мирно и достоинствено да ја предадене нашата протестна нота до грчките дипломати. Ако се обидевме да ја поминеме зацртаната безбеносна линија и нам ќе ни се наредеја специјалците, кои беа во близина на амбасадата.
Тоа е реалноста и вистината, се друго е манипулација и злупотреба.
Македонската асоцијалција на новинари – МАН, и јас како нејзин член имаме принципиелен став за случајот Кежаровски. Ние ја оценивме како строга казната за Кежаровски, ги поддржувавме сите барања за пушање од притвор, бевме и на протестот што беше организиран пред основниот суд во Скопје. Можеби ќе дојдевме и во средата, ако ја препознаевме искреноста и желбата да му се помогне на Кежаровски. Но, денот претходно веќе јасно ја навестуваше злупотребата на тој протест. И денеска случајот Кежаровски станува се повеќе заложник на политичките игри на опозицијата.
Најгласните на тие протести, оние кои деновиве спинуваа текстови во медиумите, тие ја злупотребуваат судбината на Кежаровски. Тоа го знаат и оние кои чесно дојдоа да изразат револт против екстремно високата казна. Оние другите… не сакаат слобода за Кежаровски. Тие сакаат власт. Болно ја сакаат моќта. И секоја ситуација ја користат за да издејствуваат политички поени, да обезбедат каков таков простор за маневар на опозицијата. Таму протестот го водеа политичко-опозициони активисти, новинарите беа заложници. Сакале вие верувајте во тоа, сакале не.
Лицемерието веројатно е потешка карактеристика и од омразата кај една личност. А јас препознав многу лицемерие на протестот за Кежаровски. Многу, затоа што многумина таму собрани имаа само еден мотив. Да го стават Кежаровски на нивната страна. Да ја злупотребат неговата судбина. Тоа го пишувам со целосна одговорност и свест дека ќе бидам на тапет, но познавам најмалку десетина таму збрани, за кои знам што мислат за новинарските способности на Кежаровски.
Ниеден протест драги мои колеги нема да ја постигне целта. Не дека оваа власт е на власт, туку која било власт да е. Властите не реагираат на протести. Протестот е само манифестација на единство и солидарност, а за да се постигне такво нешто потребен е искрен пристап. Јас не учествувам на протести кои имаат за цел политички профитираства, без разлика дали имам или не негативен став кон оној кон кој се протестира. Во средата не се протестираше за слободата на Кежаровски, туку се протестираше против власта. Исто како што во 2002, кога тогашното ЗНМ организираше протести, наводно во знак на заштита на новинарските права пред МВР, а повод беше нели повредената новинарка на полициската вежба од страна на тогашниот министер за внатрешни, Љубе Бошковски. Моето мислење и мојот став за Бошковски и тогаш и денеска е ист, идентичен и ниту милиметар не променет. За разлика од некои за кои тогаш Љубе беше слаткарот, бозаџија, ќебапчија и што ли уште не, служеше за нивни потсмев, а пред три години во изборната кампања го величаа како визионерот за слободна Македонија, јас и тогаш и денеска сметам дека Бошковски е елементарна непогода. Земјотрес од 12 степени по рихтер ќе преживее Македонија, ама него на функција уште еднаш тешко. Но, јас таа 2002 не ги поддржав протестите на ЗНМ и не отидов пред МВР, затоа што сметав дека тогаш требаше да се протестира пред редакцијата на дневниот весник, чиј главен и одговрен уредник ја прати новинарката на настан од безбедносен ризик, неосигурана, и без регулиран работен статус. Но, ЗНМ тогаш, како и денес, одработи за опозицијата, а воедно и му ја спаси кожичката на главниот и одговорен уредник, а ако не се лажам тогаш се уште еден од сопствениците на тој дневен весник.
Ако новинарското здружение тогаш застанеше во одбрана на принципите и издејствуваше одговорност од редакцијата, денес новинарството ќе имаше други стандарди. Ќе беше и помоќно и поединствено. А веројатно немаше ниту во средата тој уредник да го поведе отпорт и да влезе во судир со полицискиот кордон.
И ако нема лицемерие и ако нема злоупотреба на случајот Кежаровски за политички цели, тогаш зошто протести само за него. Зошто не и за останатите осудени во случајот ликвидација? Одговорот е многу едноставен. Најлесно се пали народ, најлесно се злупотребува таква судбина на новинар или политичар, или некоја јавна личност. Не се протестира за останатите од ликвидација, затоа што тешко се оправдува таков протест.
Пресудата е престрога. Тоа е факт. Тоа е јасно како бел ден. И за тоа треба да дебатораме. Треба да бараме и да најдеме најдеме начин како во второстепената постапка казната да се ублажи. Јас не се осудувам да носам одлука дали Кежаровски има или не вина. Делото за кое се терети и за кое е осуден е сериозно кривично дело, кое нема врска со новинарската професија. Се регулира по друг закон. Но и да има вина, следејќи ги европските примери за такви случаи, јасно е дека ова е една од највисоките казни.
Но, што се случува за да му се помогне на Кежаровски. Ништо. Наместо ЗНМ Синдикатот и СОРОС да трошат пари за да печатат маици со политички пораки и да ги обелкуваат пратениците на СДСМ и да форсираат кампања, “Сите сме Кежо”, нека ги соберат парите и нека ги ангажираат, не еден, не два, нека ги ангажираат сите најдобри адвокати од регионот и Европа кои имаат искуство со вакви новинарски судски процеси. И сите пред апелација да ја срочат жалбата и аргументирано да ги “распукаат” апелационите судии, да ја издејствуваат слободата за Кежаровски. Само така ќе покажат дека им е навистина дојдено до принципите, до слободата на изразување, до колегијалноста за Кежаровски. Се друго е лук и вода!
Насер, многу добро знаеш дека држењето прес-конференции пред Владата со ултиматвни пораки од типот “Премиерот е на ред, да му се јави на Беџети и да покрене постапка за помилување на Кежаровски”, нема да му помогне на мојот и на твојот коелага. Нема, затоа што сите знаеме дека Груевски е еден друг тип на политичар и нема да врши притисок врз никого, особено не ако тоа некој јавно го бара од него, а притоа таквото барање е спротивно на сите законски прописи и спротивно на која било политичка етика. Ако тоа не му помина на Бранко кога го повикуваше за А1, зошто би поминало твоето барање. Ако го знаеш тоа, а многу добро го знаеш, зошто ги манипулираш новинарите? Така не му помагаш на Кежаровски, напротив му одмагаш. Издејствувањето на некаква аболиција или помилување не се прави со јавни прес-конференции, туку со средби со претставниците на власта и тоа со оние кои имаат ингеренции во тоа поле, и тоа далеку од медиумите. Се друго е само манифестирање на лицемерие и одработување на опозициската агенда.
Марјан Николовски – Новинар за Денешен