Бан Ки Мун се надева дека преговорите кои денеска се водат во Њујорк ќе отворат пат за решавање на спорот со Грција

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун се надева дека разговорите меѓу Македонија и Грција кои денеска и утре се водат во Њујорк, ќе вродат со плод и ќе се отворат пат за решавање на спорот, изјави Мартин Несирки, портпаролот на генералниот секретар.

- Решението за спорот за името е во интерес на двете земји и Западниот Балкан во целина. Генералниот секретар искрено се надева дека овие разговори ќе отворат пат да се најде заемно прифатливо решение. Знаете дека разговорите се во тек и верувам дека и амбасадорот Нимиц ќе се обрати за тоа прашање, изјави Несирки на денешната прес- конференција во седиштето на Обединетите нации во Њујорк.

Во тек се одделните разговори кои посредникот на ОН Нимиц ги закажа со претставниците на Македонија и на Грција, амбасадорот Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис. Утре изутрина според источно американско време, во ОН ќе се одржи и заедничка средба на Нимиц со двајцата претставници по што е предвидено и обраќање за јавноста.

Во септември, по средбата со генералниот секретар Бан, македонскиот премиер Никола Груевски најави дека, доколку Грција продолжи со одолговлекување на разговорите, можен е личен ангажман на генералниот секретар за интензивирање на разговорите. Грчкот премиер Самарас и министерот за надворешни работи Венизелос, во изјави при посетите на Обединетите нации и на САД, рекоа дека Грција бара решение кое ќе се применува во сите случаи, според нивната формула ерга омнес, не обрнувајќи внимание на компромисниот предлог на амбасадорот Нимиц

24.10.2013 - 18:55

најчитано сега