Барди: Мајка ми е Косовка, но јас ќе дадам сѐ од себе да победи Македонија!
Македонскиот репрезентативец Енис Барди е еден од низата таленти кои се појавија на големата сцена откако испишаа историски настап пред три години на младинското Евро 2017 во Полска, а сега од фудбалерот на Леванте се очекува да биде еден од неколкумината клучни играчи на патот кон вистинскиот крем – Евро 2020.
За Барди историскиот меч со Косово кој е закажан за 26 март (20.45 часот) на Националната Арена „Тодор Проески“ е посебен и многу емотивен. Ама, без оглед што по мајка е од Косово, нема дилема за пресметката – ќе гине за Македонија.
„Македонија ми даде шанса на 19 години да дебитирам и јас сум ѝ благодарен, како и на сите луѓе кои многу ми помогнаа. Нè чека пресметка со Косово, а за мене ова ќе биде многу емотивен меч. Мојата мајка е од Косово, јас сум внук на Косово, ама на терен ќе играм за Македонија и ќе направам сè за да победиме. Ние играме за успех, а играњето со Македонија на Евро 2020 е еден од тие цели, заедно со настапите за Леванте“, вели Барди во интервју за косовска „Приштина Т7“.
Барди очекува тврд меч, пресметка на два извонредни тимови, победа за Македонија и над сè да нема – неспортски работи.
„Јас ќе уживам во мечот, знам дека ќе биде тежок и тврд, но ќе дадам сè од себе, а и верувам дека ние сме подобри. Главната сила на Македонија не сум само јас, тука се и Елмас, Пандев, Алиоски и многу други. Ќе биде забавно, а јас само се надевам дека нема да има неспортски работи, зашто спортот треба да ги спојува луѓето. Ќе биде возбудливо. Ќе бидат 90 минути за двата тима, а Косово има многу добри играчи, има силен тим, со фудбалери кои играат во силни лиги. Имаат квалитет како Муриќи, Рашица, Рахмани… Ги следам косовските играчи, посебно сега кога веќе ќе се соочиме со нив. И ќе биде ова добар меч, зашто на теренот ќе има многу талент“, додава Барди.
Посочува дека во тврд меч на два одлични тимови, мали грешки може да бидат пресудни.
„Ние играме дома и ќе направиме сè за да дадеме гол(ови) и да победиме, а потоа да одиме на ЕП. Двата тима се силни, па мали грешки може скапо да чинат“, заврши Барди.
Барди е роден скопјанец, репрезентативец е на Македонија од 2012 година како дел од селекцијата до 17 години. Стана дел од најталентираната генерација која на крај го покажа квалитетот со настап на Евро 2017. После настапот на младинскиот шампионат замина од Ујпешт во Леванте за 1,5 милиони евра, па брзо се промовира во Ла Лига, во дебитантската сезона шпанските медиуми го прогласија како „погодок на годината“, зашто Леванте за ситни пари донесе извонреден играч.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа