Министерот Спасов на тркалезна маса за социјалниот дијалог во Загреб

 

Министерот за труд и социјала, Диме Спасов, учествува на Четвртата регионална тркалезна маса „Социјалниот дијалог во Југоисточна Европа“  во Загреб.

За време на Конференцијата, министерот Спасов ги информираше своите колеги Македонија покрај тоа што ги има ратификувано  конвенциите на Меѓународната организација на трудот коишто имаат директно влијание на социјалниот дијалог, има воспоставено и во неа функционира социјален дијалог на трипартитно и бипартитно ниво.

- Во 2009 година заедно со синдикатите и работодавачите направивме измени и дополнувања на Законот за работните односи,  со кој се утврдија  нови критериуми за репрезентативност на синдикатите и здруженијата на работодавачи. Измените беа во насока на значително намалување прагот на репрезентативноста со што се создадоа  услови и можности за вклучување на повеќе синдикати и здруженија на работодавачи во процесот на социјалниот дијалог и тоа како на трипартитно така и на бипартитно ниво, рече министерот Спасов на 4-та регионална конференција во Загреб.

Според министерот за труд и социјала, Законот го утврдил прагот на репрезентативноста: - Прагот на репрезентативноста за колективно договарање е повисок и изнесува 20 проценти односно репрезентативен синдикат на ниво на приватен  и јавен сектор е синдикатот кој е запишан во регистарот кој го води Министерството за труд и социјална политика и во кој се зачленети најмалку 20 отсто од бројот на вработени во наведените сектори. Во однос на здруженијата на работодавачи, како репрезентативно здружение на ниво на Републиката е  здружението  во кое се зачленети најмалку 5 проценти од вкупниот број работодавачи во приватниот сектор или работодавачите членки на здружението да вработуваат најмалку 5 отсто од вкупниот број на вработени во приватниот сектор, рече Спасов.

Министерот посочи и дека од големо значење е и уредувањето и доуредувањето на прашањата  во врска со правата и социјалната положба на вработените преку процесот на колективното договарање.

- На национално ниво е предвидено потпишување на два општи колективни договори и тоа еден за вработените во приватниот сектор, кој веќе е потпишан,  а во тек се преговори кои ги води  Владата на Република Македонија со репрезентативните синдикати за потпишување на нов колективен договор за  вработените во јавниот сектор, истакна Спасов.

Во рамки на Конференцијата, министерот Спасов  говореше за улогата на инспекцијата на трудот во врска со непријавената работа при што истакна дека Македонија е земја која превзема мерки и активности за спречување на трговијата со луѓе  и принудна работа, се грижи и  дава помош на жртвите од овој вид криминал и  презема законски мерки против сторителите. 

Во вршењето на инспекцискиот надзор, додаде тој, инспекторот на трудот е овластен да влезе во просториите на работодавачот во секое време на денот и ноќта без оглед на работното време на работодавачот.

- Инспекторот има право да ги прегледува сите простории, работни места и условите за работа, да прибира податоци и информации, и да зема информации од работниците. Инспекторот е овластен да бара на увид лични исправи од лицата затекнати на работа заради нивна идентификација. На овој начин инспекторот има големи можности за откривање на секое нелегално присутно лице кај работодавачот, меѓу кои и евентуалните жртви на трговијата со луѓе заради трудова експлоатација, рече Спасов.

Во неколку измени и дополнувања на Законот за работните односи, како што посочи, извршено е транспонирање на ЕУ директивите кои се однесуваат на организирањето на работното време, на колективни отпуштања, на информирање и консултирање на работниците, директиви за еднаков третман при вработување и работа и за еднакви можности на мажите и жените, други директиви во делот на антидискриминација и еднаков третман, потоа за заштита на младите луѓе и на жените работнички на работното место...

- Извршени се измени и дополнувања на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, во насока на дефинирање на поимите и принципите утврдени во законодавството на  ЕУ и другите меѓународни документи , во врска со примената на слободата  за давателите на услуги  и слободното  движење на услуги и постигнување на висок квалитет  на услуги, обезбедување на правото на  слободен пристап до вработување, еднаквиот третман при вработување  и слично. Исто така, за одбележување во оваа област е и тоа што по постигнувањето на спогодбата помеѓу трите социјални партнери, донесен е  посебен Закон за минимална плата во РМ, кој започна да се применува од 2012 година. Кон крајот на мај 2013 година Собранието на Република Македонија го усвои Законот за заштита од вознемирување на работното место, рче министерот Спасов.

18.10.2013 - 12:43
Фото: 
А1.он

најчитано сега