Солза Грчева: Бојкот не е опција за парламентарни избори

Македонија мора да го смени изборниот модел за да ја зајакне демократијата, бидејќи со сегашните шест изборни единици повеќе од 100.000 гласачи немаат свој претставник во Собранието, иако гласале на изборите. Претседателката на политичката партија „Глас за Македонија“, Солза Грчева во интервју за Прес24 вели дека сепак многу мали се шансите за промена на моделот, поради не можноста големите партии да постигнат договор.

-Македонија е мала држава и поделбата на 6 единици е апсурдна. Ако одиме во овој правец, ќе дојдеме и до барањата на Алијансата на Албанците кои бараат дури 8 изборни единици, со нерамноправен број на пратенички места по единица, сразмерно на бројот на жители. Тоа е патот, спротивен на оној кој ќе значи потврда дека сме една, единствена, унитарна држава, претставена со една изборна единица. Со една изборна единица, спротивно на тврдењата на големите партии кои го плашат своето членство, етничкиот баланс останува ист. Правени се сериозни анализи и симулации и ова го тврдам со сигурност. Друга причина за незадоволство е Донтовиот  модел на одредување на бројот на пратеници. Во неговата дефиниција се вели дека “ги фаворизира големите партии“. Тие и така самите се фаворизираат на секој можен начин. Со 6 изборни единици и со овој модел, гласовите од средните партии се претураат на контото на големите. Најмногу се оштетени над 100.000 гласачи, кои иако гласаат, немаат свој претставник во Собранието, вели Грчева за Прес24.

Иако беше предводник на движењата за Бојкот на Реферндумот и на Претстедателските избори, за парламентарните вели дека бојкот не е опција и најавува учество на нејзината партија.

Грчева, која во Парламентот не го поддржа изборот на Катица Јанева за прв човек на СЈО, сега после аферата рекет вели дека се чувствува горда.

-Горда сум што единствено јас не гласав за Јанева, за што бев изложена на жестоки напади и хистерија. Среќна сум што се укина оваа пара институција која тонеше во непотизам, која селективно отвораше смешни предмети, а сериозните ги компромитираше, која делеше или укинуваше притвори од ракав. Или уште полошо, од интерес. Самите преговори кои течат сега помеѓу власта и опозицијата  за законот за ЈО, но и за името на обвинителот кој ќе застане на чело на одделението за организиран криминал, се јасен знак дека независно судство ниту има, ниту ќе го има во скоро време, вели Грчева.

Таа не верува во независна истрага  за овој, случај, како што не очекува дека власта и опозицијата ќе направат вистински реформи во правосудството.

-Повторно целта е главните актери да останат во сенка, а извршителите да ја понесат целата кривица. И додека ние тонеме во селски итроштини и бараме Луј Витон торба со пари, специјалната обвинителка од Романија, г-ѓата Ковеси стана главен европски обвинител. Нашата, стана трговец со прислушувани разговори и жител на Шутка. Дно, вели Солза Грчева, претседателка на „Глас за Македонија“ во интервју за Прес24.

ПРЕС24: Министерката за правда најави дека наскоро можат да почнат партиски преговори за измени на изборниот модел, но според нејзе шансите за договор се мали. Во игра се три опции, пропорционален модел со една или три изборни единици и мнозински. Според Вас постои ли можност за измени на изборниот модел?

ГРЧЕВА: Мислам дека е краен момент да дојде до промена на изборниот модел, во насока на вистинска демократизација на сега заробениот простор. Постојниот модел со 6 изборни единици, во комбинација со Донтовиот модел за одредување на пратенички места, со начинот на финансирање, асиметричниот пристап до медиумите и криминогениот изборен процес, ни создадоа погубен биполарен свет од кој ги береме горките плодови веќе три децении. Но, не сум голем оптимист дека тоа навистина ќе се случи. Ако пак не дојде до промени, големите партии/коалиции треба да се свесни дека игнорираат барања на цели 20 партии, парламентарни и вон парламентарни, со што ја силуваат демократијата. Во вистинска демократија се слуша гласот и на помалите. И одат спротивно на препораките на OBSE/ODIHR кои постојано предупредуваат на дефектите врзани со изборите и со изборната легислатива.

Тажно е што големите партии тешко постигнуваат договор за битни работи, но кога се однесува на нивното алтернативно владеење со децении, се единствени. Впрочем тие минатата година сложно и тивко, си го зголемија финансирањето од буџетот за два и половина пати. Дрски  4.7 милиони евра за сиромашна држава како нашата. Владеат преку изборната легислатива, која ја кројат исклучиво според своите потреби и преку дефектниот изборен процес. И со многу наши пари. Што се однесува до моделот, од 33 држави во Европа, 28 имаат пропорционален, две мнозински, а три мешовит. Сите имаат некои предности и недостатоци. Но, логично е да се приклучиме на најупотребуваниот модел, пропорционалниот, кој се докажал како најпогоден за парламентарни избори во земји кои имаат ваква конституција на парламентите како нашиот.

ПРЕС24:  Зошто мислите дека една изборна единица е најдобриот модел?

ГРЧЕВА: Македонија е мала држава и поделбата на 6 единици е апсурдна. Ако одиме во овој правец, ќе дојдеме и до барањата на Алијансата на Албанците кои бараат дури 8 изборни единици, со нерамноправен број на пратенички места по единица, сразмерно на бројот на жители. Тоа е патот, спротивен на оној кој ќе значи потврда дека сме една, единствена, унитарна држава, претставена со една изборна единица. Со една изборна единица, спротивно на тврдењата на големите партии кои го плашат своето членство, етничкиот баланс останува ист. Правени се сериозни анализи и симулации и ова го тврдам со сигурност. Друга причина за незадоволство е Донтовиот  модел на одредување на бројот на пратеници. Во неговата дефиниција се вели дека “ги фаворизира големите партии“. Тие и така самите се фаворизираат на секој можен начин. Со 6 изборни единици и со овој модел, гласовите од средните партии се претураат на контото на големите. Најмногу се оштетени над 100.000 гласачи, кои иако гласаат, немаат свој претставник во Собранието. Направените анализи говорат дека од 2002 година, до денес, на секои парламентарни избори средните (не малите) партии губат од 2 до 9 мандата кои одат кај големите. Зошто не се избере на пример Сент Лаговиот модел, со малку изменета формула, која дава шанса и на средните? Но, важно е и да се истакне, дека нема место за страв кај големите партии и коалиции и со една изборна единица. Секоја анализа покажува дека тие не ги губат своите водечки позиции. Единствено, со една изборна единица речиси секој граѓанин ќе биде претставен во Собранието и партии кои редовно добивале на пример помеѓу 25.000 и 30.000 гласови ќе добијат два пратеника. А тоа е богатство на идеи и подобро директно претставување. Моќта на веќе видените, незапирливи и штетни гласачки машинерии, ќе биде ублажена.

ПРЕС24:  Колку е важен прагот за еден таков модел?

ГРЧЕВА: Се изнаслушавме дека уште во време на преговорите (всушност договорите) во Пржино, некои барале една изборна единица. Но, истовремено заговарале висок праг, за всушност двете работи да бидат задоволени: тие се големи демократи пред народот, а прават се за да не дојде до промена. Прагот е важен секако. Да беше нормална ситуацијата кај нас, а е далеку од таква со постојана рециклажа на погрешни политики, енормна корупција, недоверлив избирачки список, коруптивен изборен процес, би рекла дека некој праг до 2% би бил прифатлив. Но, тоа е навистина не можно во дадената ситуација. Што повеќе се отвориме кон нови опции и капацитети, тоа ќе биде поголема придобивката на народот. Да се нормализираме, па потоа во иднина да размислуваме за некој, исто така низок праг.

ПРЕС24: Има една теза на политичките аналитичари дека со една изборна единица без, или минимален праг, Македонија ќе се соочи со нов пазар на гласови во Собранието. Тоа би значело многу непристојни пониди, пазари... ?

ГРЧЕВА: Прво, кај нас секој веќе стана аналитичар. Јас верувам на наука, статистика, анализа. Тие тези едноставно не се точни, а таквите “аналитичари“ ако ги анализирате се гласноговорници на некои од големите два блока. Само на големите им одговара да се претставуваат како големи коалиции кои ги прават пред изборите со партии, кои веќе немаат никаква тежина. Ете тие таквите, кои со децении се прикачуваат кон коалициите, се мали партии. Неколку вон парламентарни партии денес, имаат десет пати поголем рејтинг од ваквите вечни партии во Собранието. Пред изборите се најголемите пазарења. Погледнете им го идеолошкото шаренило, па сепак се ставаат под една капа. Ете тоа се тие непринципиелни коалиции кои почиваат на чисти бројки. Во полно земји, како во Р. Хрватска, предизборните коалиции се забранети. Да заклучам, изнесените тези на тие аналитичари не се темелат на емпирија и анализа, туку на пропаганда.

ПРЕС24:  Што во основа би добила Македонија со ваков модел, освен да речеме јакнење на малите партии?

ГРЧЕВА: Прво треба да се расчистат две работи. И во сегашниот модел и во претпоставениот со една изборна единица, шансите на таканаречените мали партии се речиси никакви. Станува збор за средни партии кои би добиле по некој пратеник, а тоа е праведно и кон гласачите и кон партиите. Тоа го покажуваат сите симулации. Второ, веќе објаснив дека поимот “мали“ повеќе се однесува на голем број парламентарни партии во коалициите, кои возејќи се на туѓа локомотива веќе долго време, го изгубија своето гласачко тело.

Значи се дава мала шанса на средните, а не на малите партии.

ПРЕС24:  Власта и опозицијата се заглавени во преговорите за законот за ЈО, во меѓувреме СЈО престана да постои, како Вам ви изгледа се ова?

ГРЧЕВА: Мене ми изгледа повторно како театар, ист како оној започнат во Пржино. Мене и тогаш ми беше јасно дека, кога се носи еден толку дефектен закон за СЈО, кога на негово чело ставаат една нулта личност, би рекла дури  и трагикомична, тогаш не им беше правдата и борбата против организираниот криминал цел, туку проектот чии сведоци сме. Горда сум што единствено јас не гласав за Јанева, за што бев изложена на жестоки напади и хистерија. Среќна сум што се укина оваа пара институција која тонеше во непотизам, која селективно отвораше смешни предмети, а сериозните ги компромитираше, која делеше или укинуваше притвори од ракав. Или уште полошо, од интерес. Самите преговори кои течат сега помеѓу власта и опозицијата  за законот за ЈО, но и за името на обвинителот кој ќе застане на чело на одделението за организиран криминал, се јасен знак дека независно судство ниту има, ниту ќе го има во скоро време. Повторно, како и во 2015 се договара, а не преговара. Повторно, целта е “големите риби“ да бидат поштедени, аферите и скандалите нерасветлени, а да се фрла магла за поситни дела. Ние сме во целосен правен хаос како никогаш досега. Погледнете кој влезе во Академијата за судии и обвинители, и работите стануваат сосема јасни. Нашата правда е селективна, политички инструирана и таква ќе остане. Темелни реформи во правосудниот систем нема, иако за нив постојано се зборува. Едноставно, нема кој да ги направи. Погрешни се очекувањата дека оние кои создадоа корупција од невидени размери, сега истите тие, ќе креираат независен правосуден систем. Зошто? За ним да им суди?

ПРЕС24:  Дали верувате во целосна истрага за случајот Рекет?

ГРЧЕВА: Не. Никако не. Нашиве елити одлично го апсолвираа обичајот да си ги проштеваат помеѓу себе криминалите, посебно на високи функционери.  Уште првите сигнали во истрагата за “Рекет“ се лоши. Еднаш важат “бомбите“ како докази, еднаш не важат. Да не зборуваме дека додатно, деновиве излезе на виделина дека и старите “бомби“ биле менувани, манипулирани од кој стигне.  Во “Рекет“ очигледен беше обидот да се забошоти целиот случај. Имате специјална обвинителка која оди на одмор во сред мега афера, на која не можат да и ги пронајдат телефоните, ниту еден политичар за кој има сомневања не е под истрага, Заев не дава одговор за неговата евентуална вмешаност, притвореничка која е под оставка дава наредби, и така натаму. Целосна рашомонијада затоа што правдата не е цел сама по себе. Повторно целта е главните актери да ост0анат во сенка, а извршителите да ја понесат целата кривица. И додека ние тонеме во селски итроштини и бараме Луј Витон торба со пари, специјалната обвинителка од Романија, г-ѓата Ковеси стана главен европски обвинител. Нашата, стана трговец со прислушувани разговори и жител на Шутка. Дно.

ПРЕС24: Вашата партија беше една од оние кои ги бојкотираа и претседателските избори и референдумот. Дали бојкотот ви останува опција и за следните парламентарни избори?

ГРЧЕВА: Да, ние не само што го бојкотиравме референдумот, туку бевме вклучени многу активно во организирањето на бојкотот. И тоа го направивме успешно. Тоа е нашата карта за иднина, народен капитал за неправдите кои му се нанесоа на македонскиот народ. Тоа беше и ќе биде наша цивилизациска и принципиелна борба за почитување на правото на секој народ на самоопределување и само идентификација. 

Претседателските избори ги бојкотиравме бидејќи во нив учествуваа кандидати, претставници на оние кои ни го сменија името и уставот насила. Претставници на главниот изведувач на проектот, со под изведувачот. Не ни беа проблем самите кандидати, туку политиките на партиите кои ги предложија. Уште повеќе, претставници на оние кои останаа во Собранието дури и после неуспешниот и против уставен референдум.  Ја игнорираа сите заедно волјата на народот. Ние, ним не можеме да им простиме. Затоа се трудевме да не се постигне цензус. Да се направи политичка криза, која ќе доведе до предвремени парламентарни избори.

Бојкот на парламентарни избори е бесмислен, бидејќи нема законски цензус за таквите избори. Нема долен праг. Два града ќе можат да изберат влада. Власта едвај ќе дочека некој да прогласи бојкот и во таа шема не влегуваме. Парламентарните избори ги посакуваме бидејќи се единствениот начин да се дојде до политички промени кои ни се крајно, драматично потребни. Државата е блокирана по секоја основа. Ниту еден систем не функционира од вулгарната партизација на институциите. Тонеме во корупција. Младите продолжуваат да си одат. Потребни се големи промени во целиот политички систем. Конечно, јас лично и “Глас за Македонија“, не можеме да се помириме со промената на уставното име и со сведувањето на македонскиот народ на државјани. Затоа силно и спремно ќе влеземе во изборната трка.

ПРЕС24:  Мислите ли дека со бојкотот е постигната целта?

ГРЧЕВА: Ако мислите на референдумот, веќе кажав. Иако не беа почитувани резултатите, тоа е историски запис за иднината. Што се однесува до претседателските избори, бојкотот ќе успееше да не продолжеше игранката помеѓу власта и опозицијата. Се разбира, обете притиснати од меѓународната заедница која со тоа сакаше да ја легитимира Северна. И јасно им е на сите, кој направи цензус на тие избори. Ние се обидовме да го спречиме. Сега претседателот е можеби единствената легитимна институција. Другите, после оној избор на претседателот на Собранието, се за нас спорни.

ПРЕС24:  Во овој период е актуелно прашањето за притворот на Љупчо Палевски во Србија.. Вие со неговото движење сте во соработка. Имате ли информации, до каде е случајот, за што точно се работи?

ГРЧЕВА: Сите информации со кои располагаме ги споделивме во соопштението до јавноста. Она што го знаеме е дека се работи за приватен, бизнис спор за ситна сума. Тој спор бил стар неколку години, а Палевски е само странка која требала да се појави на рочиште во судот во Задар, Р. Хрватска. До него не стигнувале поканите за рочиштето, бидејќи тој веќе со години е вратен во Македонија. Тоа го знаеме од неговиот адвокат. Зошто токму сега е активирана потерницата, кога се знае дека Палевски патуваше насекаде непречено, остава простор за сомнежи. Очекувам брза разврска на случајот, а јавноста ќе ја информираме ако добиеме нови информации. За нас важи пресумпцијата на невиност и ако навистина станува збор за приватен спор со незадоволен клиент од испорачан котел, а такви имаат речиси сите приватни бизниси, очекуваме Палчо бргу да ја продолжи работата во Трета и во партијата. 

ПРЕС24:  Преземате ли нешто како партија за неговиот случај?

ГРЧЕВА: Секако не се мешаме во правосудниот систем на двете држави кои се надлежни за случајот.  Во овие моменти најважно е неговото семејство кое е потресено од целиот случај. Она што ние како партија можеме да го преземеме е да го заштитиме од поплавата на дневно политички шпекулации, да се информираме за неговата состојба и за процедурите низ кои минува. Последново го правиме преку неговите адвокати кои работат на тоа да Палевски биде што побргу донесен во Македонија. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.09.2019 - 12:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега