Ѓоковиќ: Ова не е крај, морам да го одбранам првото место
Светскиот тенисер бр.1, Новак Ѓоковиќ го заврши своето учество на „Ју Ес Опен 2019“, откако се откажа на стартот на третиот сет во неговиот натпревар со Стен Вавринка. Тој ја оправда својата одлука со повреда на левото рамо, на која се жали последниве денови. Ноле сепак се надева дека ќе присуствува на АТП 500 во Токио почнувајќи од 30 септември.
– Жал ми е за навивачите. Знам дека луѓето го очекуваа дуелот со интерес и се надеваа дека ќе гледаат спектакл. Јас не сум првиот, нема да бидам последниот тенисер принуден да се повлече за време на дуел заради повреда. Секако дека е разочарувачки, особено кога станува збор за еден од најголемите турнири, но тоа е дел од спортот. Во моменти како овој, семејството е од голема помош. Сега ќе го сменам фокусот и ќе се обидам да ги наполнам батериите. Да се биде татко и да се има семејство е најважната работа за мене. Животот продолжува, изјави Србинот по мечот.
Сезоната за Гренд- слем турнири за него е завршена, но тој е задоволен од постигнатото досега.
– Јас освоив две Гренд Слем титули, играв полуфинале на Ролан Гарос. Дефинитивно сум задоволен од постигнувањето. Сепак, ова е далеку од крајот на сезоната. Планирам да учествувам во Токио и се надевам дека ќе можам да го сторам тоа. Имам многу поени за одбрана до крајот на сезоната, како и првото место на АТП листата. Рафа игра многу силно, Федерер исто така. Се надевам дека ќе имам можност да се натпреварувам на турнири до крајот на годинава, заклучи Ноле.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа