Вељановски: Очекувам позитивна оценка и препорака за преговори за влез во ЕУ

 

Денеска собранискиот спикер Трајко Вељановски имаше обраќање на шестата конференција на претседатели на Парламенти од земјите на Западен Балкан „ЕУ интеграција: резултати и аспирации“, што се одржува денеска во Будимпешта.

Претседателот на македонското Собрание се осврна на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија кој се очекува да биде готов идната недела и истакна дека верува во позитивна оценка за Македонија, но без разлика на исходот, земјава сепак ќе остане принципиелна во своите определби.

Претседателот на македонското Собрание во обраќањето посочи дека Македонија, како и државите од нејзиното непосредно соседство високо на агендата на стратешки определби го имаат евроинтеграцискиот процес и тоа од моментот на осамостојувањето во 1991 година. 

- Заради условувањето на нашиот јужен сосед, Грција, во Советот на Унијата не може да се постигне консензус за усвојување на одлука за почеток на преговори со Република Македонија. Со наметнатиот спор за името од страна на нашиот јужен сосед се попречува отпочнувањето на преговорите со Унијата. Билатералниот спор, којшто нема никаква поткрепа, ниту оправданост во меѓународното право ултимативно стои пред напредокот на земјата и пред исчекорувањето во евро-атлантскиот интегративен процес, рече Вељановски.

Исто така во своето обраќање собранискиот спикер посочи и дека Македонија останува посветена на остварување многу темелни реформи и оти во многу области има постигнато значајни резултати и направено значителен исчекор во усвојувањето и имплементацијата на европските стандарди: - Република Македонија посветува особено внимание на односите и соработката со земјите од соседството, и токму тие остануваат да бидат еден од основните столбови на нејзината надворешна политика. Одржувањето на добро изградените релации, континуитетот со кој се пристапува кон се поголемо интензивирање на соработката во областите кои се од заемен интерес се показател за добронамерноста и пријателскиот однос на Република Македонија кон соседите, рече Вељаноски.

Вељановски оцени и дека во ЕУ постои релативен политички консензус оти Европа има одговорност кон регионот и интеграцијата во Унијата.

08.10.2013 - 11:39

најчитано сега