СДСМ: МОН да објасни зошто ќе се вработуваат токму психолози

 

Сакаме да ја коментираме одлуката на Владата за вработување на 294 психолози и педагози во основните и средните училишта, најавена за наредните 2-3 години, како потреба што наводно произлегла од анализата што ја направило Министерството за образование за стручниот и кадровски потенцијал во училиштата.

Го прашуваме министерот за образование, господинот Спиро Ристевски:

 

Зошто не направивте и анализа на учебниците што ја вети вашиот претходник?

Зошто не направивте и анализа за преоптовареноста на наставниот кадар со административна работа на сметка на наставниот процес? 

Зошто, господине Ристевски, не направите и анализа за фрустрациите што ги предизвикавте кај децата, родителите и наставниците со екстерното тестирање?

Зошто не направите и анализа за квалитетот на законите кои ги носите преку ноќ, без јавна расправа, без стабилна финансиска конструкција и со нефункционални елементи?

Зошто не направивте анализа пред да потрошите односно фрлите над 60 милиони евра за неуспешниот проект компјутер за секое дете?

Ние, се сомневаме во вашите добри намери! И, бараме Министерството за образование да ја информира јавноста за тоа каде, кога и на кој начин ќе се вработуваат овие кадри. Дали, господине министре, навистина ќе вработувате потребни стручни кадри или сте во интензивна потрага само по нови гласачи. Истовремено, ви укажуваме, дека пред и за време на изборните активности не е дозволено да се прават злоупотреби со вработувања во јавниот сектор.

 

На крајот, бараме од Министерството за образование јавно да ја публикува анализата која наводно покажала дека токму овие, а не други стручни кадри, на пример дефектолози, се приоритетно потребни за спроведување на обврските од законите за основно и средно образование, за јавноста да се увери во исправноста на вашата одлука.

 

 

(Интегрален текст од прес-конференција на Петар Атанасов, СДСМ)

06.10.2013 - 14:03

најчитано сега