Стево Пендаровски: Верувам дека јас можам да ги обединам граѓаните

Потпис на указите за сите реформски закони што ги усвои Парламентот ќе биде првото нешто за што ќе се зафати Стево Пендаровски ако стане Претседател. Во интервју за Прес2, вели дека носењето на дел од тие закони се клучни за одлуката на ЕУ во јуни за почнување на преговори за полноправно членство и ова е нешто кое мора прво да ги направи.

-И да не заборавиме, сите овие закони беа донесени со консензус на парламентарините политички партии што значи дека и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа за нивното донесување. Токму затоа, ако треба да издвојувам една приоритетна одлука, тоа ќе биде мојата одлука со својот потпис да ги потврдам овие закони и на тој начин да го осигурам спроведувањето на неопходните реформи што ќе го донесат напредокот на државата, вели Пендаровски.

Наспроти критиките од опозицијата за неконзистентност, Пендаровски вели дека неговите ставови за спорот со името и преговорите со Грција секогаш биле конзистентни.

-И во кампањата за претходните претседателски избори во 2014 година, но и во годините што следеа, секогаш се залагав за постигнување на државен консензус околу овој проблем. Државниот консензус значеше дека наместо тајните и неискрени преговори коишто долги години ги водеше Груевски, треба сите политички партии, но и цивилниот сектор, академската заедница и граѓаните отворено да разговараме како да најдеме решение.  Ова беше пристапот во преговорите на актуелната Влада и јас го поддржав. Лагите искажани на митинзите и јавните настапи на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи и куси исечоци од видеа целосно извадени од контекст, не можат да ја сокријат вистината за моите конзистентни и принципиелни ставови кон ова прашање, вели во интервјуто заедничкиот кандидат за претседател.

-Верувам дека јас сум кандидатот кој може најмногу да ги обедини граѓаните и за прв пат Македонија да добие претседател за сите, а ова е многу важно за напредокот и стабилноста на земјата. Понатаму, јас добив широка поддршка од преку 30 партии од сите етнички заедници и се обврзав да бидам натпартиски кандидат. Искрено верувам во концептот на независност на претседателот и мојата главна заложба ќе биде да докажам дека може да се биде независен и да се работи само во интерес на граѓаните. Исто така, мојата главна задача ќе биде да правам политички баланс во општеството и да бидам коректор на партиите. Ова е нешто на што цврсто стојам и ветувам дека ќе го правам . Јас не се обраќам на граѓаните зависно од нивната етничка припадност, како што тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска. Јас сметам дека рамноправноста на сите граѓани не ги загрозува интересите на ниту една заедница, а најмалку на македонскиот народ. Напротив, еднаквоста не прави посилни и создава поголемо чувство за одговорност и лојалност кон нашата заедничка татковина. Напредокот е неделив, тој им припаѓа на сите, вели Стево Пендаровски, кандидат за претседател во интервју за Прес24.

ПРЕС24: Како го оценувате почетокот на предизборната кампања, што очекувате до крајот?

ПЕНДАРОВСКИ: Задоволен сум од почетокот на изборната кампања и првичните реакции од граѓаните. Секојдневно остварувам посети на многу населени места низ нашата држава и директно разговарам со голем број на граѓани. Поддршката е недвосмислена, а она што посебно ме радува е фактот што граѓаните ги препознаваат и поддржуваат моите политики, а тоа се политиките на напредок, заедништво и брза интеграција на земјата во НАТО и ЕУ. Без разлика на етничката или партиската припадност, сите сакаат подобар живот и конечно излегување на земјата од изолација. Токму тоа е мојот концепт и се разликува суштински од оној на Силјановска кој е токму спротивното, а тоа е целосен застој на процесите, ревидирање на се што е постигнато и враќање кон минатото. Силно сум убеден дека граѓаните ќе го изберат патот на напредокот.

Во однос на самата кампања, можете да видите дека партиските митинзи не доминираат, туку се определив за директни разговори со граѓаните. Разговори на коишто јас зборувам за моите заложби и програмски определби, а граѓаните коментираат, предлагаат и критикуваат. Многу често на тие граѓански собири, покрај мене, се обраќаат и истакнати граѓани од локалната заедница. Исто така, често, настапуваме и заедно со премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, но и лидерите на другите, повеќе од 30 политички партии, коишто ја поддржаа мојата кандидатура.

На тој начин уште во кампањата покажувам дека и во мојот мандат ќе останам близок до граѓаните а нивните потреби ќе бидат мој врвен приоритет. Искрено се надевам и дека моите политички противници на овие избори ќе се воздржат од конфликтната реторика и говор со кој се продлабочуваат поделбите и нетрпеливоста.

ПРЕС24: Што Стево Пендаровски го разликува од останатите претседателски кандидати?

ПЕНДАРОВСКИ: Сите кандидати имаат свои квалитети, но јас верувам дека сум кандидатот кој има најголемо искуство за оваа позиција и одлично ги познавам ингеренциите и надлежностите на претседателот. Како советник на двајца претседатели, но и преку искуството стекнато на низа други позиции, верувам дека сум покомпетентен од моите против кандидати. 

Што се однесува до моите основни вредности јас длабоко верувам во заедништвото и силно го поддржувам концептот „Едно општество за сите“. Ова е нешто што ме прави различен да речеме од мојот главен против кандидат Силјановска, која во својата кампања воопшто не им се обраќа на етничките Албанци. Верувам дека јас сум кандидатот кој може најмногу да ги обедини граѓаните и за прв пат Македонија да добие претседател за сите, а ова е многу важно за напредокот и стабилноста на земјата. Понатаму, јас добив широка поддршка од преку 30 партии од сите етнички заедници и се обврзав да бидам натпартиски кандидат. Искрено верувам во концептот на независност на претседателот и мојата главна заложба ќе биде да докажам дека може да се биде независен и да се работи само во интерес на граѓаните. Исто така, мојата главна задача ќе биде да правам политички баланс во општеството и да бидам коректор на партиите. Ова е нешто на што цврсто стојам и ветувам дека ќе го правам .

За жал, нашата држава сега и во изминатите десет година немаше таков претседател. Кога во 2014 година застанав пред граѓаните и се кандидирав за претседател бев решен да се спротивставам на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов и неговите погубни политики. Тој со своите изјави и постапки го поттикнуваше рушењето на демократијата, правната и политичката неодговорност и политичкиот реваншизам кои беа секојдневие во времето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ предводен од Груевски.

ПРЕС24: Зошто „Заедно Напред“ и како мислите дека да го исполните овој слоган ако станете Претседател?

ПЕНДАРОВСКИ: Сржта на мојата идеја е заедништвото односно обединувањето околу нашите стратешки интереси, а тоа се членството во НАТО и ЕУ, а преку тоа економски развој, нови инвестиции и отворање на голем број на добро платени работни места. Заедништвото се однесува на сите, без разлика на нивното потекло. Јас не се обраќам на граѓаните зависно од нивната етничка припадност, како што тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска. Јас сметам дека рамноправноста на сите граѓани не ги загрозува интересите на ниту една заедница, а најмалку на македонскиот народ. Напротив, еднаквоста не прави посилни и создава поголемо чувство за одговорност и лојалност кон нашата заедничка татковина. Напредокот е неделив, тој им припаѓа на сите. Токму затоа повикувам да се бориме заедно за подобрата иднина.

За жал, понудата на ВМРО-ДПМНЕ се сведува на продлабочување конфликтите, омразата и поделбите. Тоа е политика којашто не носи назад, во темното недемократско минато. Едноставно кажано, во времето на неправдата и неправото. Затоа и толку неискрено и цинично изгледа повикот на ДПМНЕ за право и правда. Рушителите на правната држава немаат морално право да зборуваат за право и правда.

Јас се борам да одиме напред. Нашата држава, секојдневно се менува на подобро и оди напред. Точно е дека има многу предизвици, многу тешки одлуки, но и грешки по тој пат. Но никој не може да ја оспори правилната насока во која се движат работите.  Во изминатите две години ние, граѓаните, донесовме тешки, но неопходни одлуки коишто веќе денес ја зацврстуваат нашата државност, го обезбедуваат нашиот пат во остварување на нашите стратешки цели за полноправно членство во НАТО и Европската Унија и, конечно, се гаранција за нашиот економски и социјален напредок.

Од патот по којшто тргнавме нема враќање назад. Тоа го знаат граѓаните и затоа големото мнозинство граѓани ги поддржуваат реформите и членството на нашата држава во НАТО и Европската Унија. Заедно чекориме заедно напред бидејќи споделуваме заедничка верба во исправноста на насоката во којашто се движиме.

ПРЕС24: На што прво ќе се фокусирате, ако станете Претседател?

ПЕНДАРОВСКИ: Од самиот почеток ќе се фокусирам на брзо и ефикасно остварување на моите програмски заложби. Една од првите задачи е, секако, да го вратам во нормална состојба дијалогот меѓу институциите. Сегашниот претседател со кочењето на стапување во сила на голем број на реформски закони, е најголемиот кочничар на напредокот. Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ не само што не е против кочењето на напредокот, туку најавува дека уште повеќе ќе ја продолжи политиката на Иванов.

 Носењето на дел од тие закони се клучни за одлуката на ЕУ во јуни за почнување на преговори за полноправно членство на нашата држава и ова е нешто кое мора прво да го направам. И да не заборавиме, сите овие закони беа донесени со консензус на парламентарините политички партии што значи дека и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа за нивното донесување.

Токму затоа, ако треба да издвојувам една приоритетна одлука, тоа ќе биде мојата одлука со својот потпис да ги потврдам овие закони и на тој начин да го осигурам спроведувањето на неопходните реформи што ќе го донесат напредокот на државата.

ПРЕС24: Во што се состои Вашата понуда за гласачите за овие избори?

ПЕНДАРОВСКИ: Како Претседател се обврзувам дека ќе ја прекинам политиката на поделби, омраза и конфликти, дека ќе ги поврзувам граѓаните независно од нивното етничко, верско, социјално или друго потекло, дека достоинствено ќе ја претставувам државата дома и во странство. Потоа ветувам дека ќе ја поддржувам битката за правната држава, а против криминалот и корупцијата. Законот за СЈО ќе биде меѓу првите кои ќе ги потпишам бидејќи тоа ќе обезбеди независни истраги за висока корупција за сите политичари. Силно ќе ја поддржувам политиката којашто ќе донесе нови и добро платени работни места, нови директни домашни и странски инвестиции, социјална сигурност, грижа за ранливите групи во нашето општество и севкупен економски и социјален развој. Понатаму, се обврзувам да бидам претседател кој ќе ги коригира партиите и ќе ги враќа на правилната насока кога тие ќе скршнат од неа. Ова е многу важна улога на претседателот и ќе биде приоритет за мене и мојот тим.

ПРЕС24: Во предизборната трка влегувате со многу критики за Ваша неконзистентност на ставови околу прашањето за името и преговорите со Грција. Како ќе им го објасните на гласачите?

ПЕНДАРОВСКИ: Не се согласувам со тврдењето. Моите ставови за спорот со името и преговорите со Грција секогаш биле конзистентни. И во кампањата за претходните претседателски избори во 2014 година, но и во годините што следеа, секогаш се залагав за постигнување на државен консензус околу овој проблем. Државниот консензус значеше дека наместо тајните и неискрени преговори коишто долги години ги водеше Груевски, треба сите политички партии, но и цивилниот сектор, академската заедница и граѓаните отворено да разговараме како да најдеме решение.  Ова беше пристапот во преговорите на актуелната Влада и јас го поддржав. Лагите искажани на митинзите и јавните настапи на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи и куси исечоци од видеа целосно извадени од контекст, не можат да ја сокријат вистината за моите конзистентни и принципиелни ставови кон ова прашање.

Во 2014-та на самиот почеток на изборната кампања, владата на Груевски замина на преговори кај Нимиц. Во предизборие, знаете дека ниту локален пат не смее да биде отворен а не пак да отидете на преговори во Њу Јорк без да кажете никому во Скопје. Груевски ниту еднаш не ја повика тогашната опозиција за градење на државен консензус или за поставување на т.н. македонската црвена линија. Дури паметиме и една негова изјава од тоа време во која вели дека нема ниту намера да го повика на разговори за градењето на консензус тогашниот лидер на опозицијата Црвенковски бидејќи вели “кога разговарате со Црвенковски, исто како да разговарате со Грк.”.

За разлика од него, Заев ја повикуваше опозицијата и Иванов на разговори за градењето државна позиција, а министерот за надворешни работи редовно го информираше Иванов за текот на преговорите. Беа одржани и две лидерски средби од кои имаше издадено и заеднички соопштенија. Последен обид за правењето национален и државен консензус беше пред ланскиот референдум кога сите предлози на Заев за активно учество на опозицијата за учество во процесот, за жал беа одбиени.

ПРЕС24: Ако победите и станете Претседател, Вашиот мандат хипотетички може да се поклопи со мандат на некоја друга влада на ВМРО ДПМНЕ. Таа партија најавува ревизија на Договорот од Преспа. За кои точки не сте подготвени да правите компромис?

ПЕНДАРОВСКИ: И во најтешките мигови бев уверен дека вреди нашата генерација на политичари да ја поднесе жртвата за општото добро. Нашата сегашна влада на чело со Премиерот Заев и сите министри го препознаа мигот и несебично се вложија себе си со целиот свој личен интегритет и авторитет за остварување на оваа цел. Заедно со нив бев на секој чекор кон целта. Еден од тие тешки чекори беше да се постигне договор со Грција во врска со проблемот што тие го имаа со нашето уставно име. Од самиот почеток на долгите и тешки преговори основната цел беше договорот да се заштити и гарантира нашиот македонски јазик, нашата македонска култура и цивилизациските придобивки.

Следната цел беше договорот да овозможи трајна соработка и пријателство со Грција, а Грција, постепено, да стане наш голем поддржувач во оставрувањето на нашите стратешки определби. Таа соработка и пријателство веќе сега резултираат со зголемување на трговската размена, раст на инвестициите и економско партнерство на двете држави. Верувам дека со Договорот ги остваривме и двете цели.

Првата придобивка од Договорот од Преспа е нашето членство во НАТО. Нашата татковина доби покана за членство во НАТО, успешно ги заврши преговорите за членство во НАТО коишто јас, како национален координатор за НАТО, ги координирав.  Но нашата татковина не застанува тука. Добивме позитивен извештај од Европската комисија за нашиот напредок во реформите. Секојдневно ги изодуваме неопходните чекори за многу скоро да добиеме покана за започнувањето на преговори за полноправно членство во Европската Унија.

 Тоа е вистинскиот прогрес, тоа е насоката која поддржуваат нашите граѓани! За напредокот и благосостојбата на граѓаните нема да правам компромис. Нема да правам компромис на штета на иднината или сигурноста на граѓаните.

ПРЕС24: Ова е Ваша втора трка за Претседател. Ако не успеете во нејзе, дали ќе останете во политичките води?

ПЕНДАРОВСКИ: Јас освоив 400.000 гласови во време кога автократијата на Груевски беше на врвот. Верувам дека во демократски амбиент каков што имаме сега, поддржан од 31 политичка партија и од претставници на сите етнички заедници, ќе остварам голема победа. Граѓаните го препознаваат напредокот и концептот кој го нудам и ја гледаат разликата меѓу мене и Силјановска која нуди назадување и блокади.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

09.04.2019 - 11:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега