Дебата: Спорот за името - проблем и дилема за македонската дипломатија

На денешната тркалезна маса „Надворешна политика и аспекти на меѓународна дипломатија: македонската дипломатија во третата деценија од независноста“, организирана од германската фондација „Конрад Аденауер“ и Институтот за демократија, беше посочено дека прашањето за името како нерационален проблем ја одбележа надворешната политика на Република Македонија во годините од нејзината самостојност и дека и стои на патот на нејзните стартешки цели-членство во ЕУ и НАТО.

Шефот на дипломатијата Никола Попоски, осврнувајќи се на проблемот со Грција, истакна дека моменталната грчка политичка сцена има еден приоритет кога е во прашање спорот за името.

- Владата во Атина презентира слика на дијалог и креира перцепција дека решението само што не се случило. Реалноста е дека има еден актер кој има интерес ова да го реши, тоа е Република Македонија, рече Попоски.

Македонската надворешна политика, според него, во наредниот период треба да се прилагоди на промените кои следуваат - мултиполарноста на глобален план и потребата од поголема регионална поврзаност и конзистентност на долг рок. 

- Треба да ја надминеме бариерата дека ако сте мала држава на Балканот каде што многу од соседите ве гледаат како плен повеќе отколку како партнер, мора да покажете истрајност, мора да покажете дека имате капацитет на долг рок да бидете конзистентен и мора да сте активен во нормални работи. Што подразбирам под нормални работи? Сосема е нормално за една земја да работи на бизнис промоција, да се обиде да го подобри стандардот во државата, да привлече странски инвестиции, да го промовира туризмот. Ние сме безбедна, доста пријателски настроена земја во која секој оној кој што ја посетил е убеден дека имаме многу што да понудиме и да знаат дека таа понуда оди и надвор од спорот со името кој го имаме со нашиот јужен сосед. РМ е добра дестинација од сите овие аспекти, рече Попоски.

Според поранешниот министер за надворешни работи и актуелен партеник Антонио Милошоски, спорот за името во сите периоди од развојот на надворешната политика на самостојна Македонија е клучен и непродуктивен фактор во надворешнополитички цели

- Ние треба да излеземе од ова статус кво и да ги замрзнеме преговорите со соседна Грција до моментот кога тие официјално ќе се произнесат за прифаќањето или одбивањето на пресудатата на Меѓународниот суд во Хаг и нејзината примена...Тоа може да биде злоупотребено од другата страна и да се каже дека Македонија е неконструктивна држава и не сака да разговара за името. Другата дилема е дека ако ги замрзнеме преговорите за името до примената на пресудата од Хаг тогаш тоа значи дека ние може да ги замрзнеме и нашите перспкетиви за ЕУ и НАТО. Но, контрапрашањето е нели се тие перспективи и во моментов замрзнати, вели Милошоски.

Тркалезната маса продолжува со дискусија на темата од страна на експерти од областа на надворешната политика и дипломатијата.

01.10.2013 - 15:01
Фото: 
Влада

најчитано сега