Македонија си замина со најмногу награди од „Јахорина филм фестивалот“
Филмот „Волшебниот рид“ во режија на Петар Џуровски е награден со „Бронзена боровинка“, а „Трагачи по звукот“ на режисерката Сузана Диневски, ја освои Специјалната награда од жирито на Филмскиот фестивал „Јахорина филм фестивал“ што од 25 до 29 септември се одржа во Пале, Босна и Херцеговина.
На Интернационалниот филмски фестивал, посветен на туризмот и животната средина, беа претставени четири македонски документарни филмови и четири промотивни филмови за Македонија, во конкуренција на повеќе од 80 остварувања од 20 земји. Македонија на фестивалот освои најголем број на награди.
„Јахорина филм фестивал“ е домашен и меѓународен натпреварувачки филмски фестивал од областа на краток игран филм, документарен и краткометражен филм. Се одржува еднаш годишно во последната недела на септември.