Нов закон: Телевизиите ќе мора да пуштаат по најмалку 8 часа македонска музика неделно

 Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од работата по дневниот ред на 72. седница го разгледа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, во прво читање, и заклучи дека е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање. 

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека кај постоечкиот Закон за авторско право и сродните права се прават измени кои ќе бидат од корист на авторите и нивните авторски права и во насока на зголемена продукција и слушање на македонска музика и музика на етничките заедници.

- Кога станува збор за колективно управување со авторските права не е воспоставен ниту еден систем во светот и секаде тоа се прави на различен начин. Авторското право е неприкосновено право и се цени секаде во светот, а наша обврска е да придонесеме кон неговото почитување, рече Канческа-Милевска.

Таа посочи дека при неколкуте јавни расправи биле воочени проблемите и во измените на Законот за авторско право и сродни права се внесени сите барања на засегнатите.

- Една од поголемите промени е што се предлага организациите за колективно управување со авторските права да инсталираат кај радиотелевизиските организации систем за евидентирање на авторски дела, а радиотелевизиските организации треба тоа да го овозможат, појасни Канческа-Милевска.

Тоа, како што рече, е веќе нормална пракса во светот.

- Системот за електронско евидентирање на авторските дела ќе овозможи правилно наплаќање на авторските права. Доколку тој не се инсталира во радиотелевизиските организации предвидена е глоба во вредност од 20 до 30 илјади евра, истакна Канческа-Милевска.

Втората битна измена, нагласи, е во програмата на радиотелевизиските организации најмалку 30 проценти да се емитува вокална и инструментална музика од македонски автори или неделно најмалку осум часа  да се пушта музика од македонски автори. Со измените Владата на Република Македонија ќе ја носи предлог тарифата по која ќе се наплаќа за авторските права, а воедно ќе предвиди и фонд за снимање нова македонска музика заради обврската да се пушта македонска музика.

Митре Вељаноски од СДСМ рече дека на јавните расправи се покажало дека во предложеното законско решение има многу недоречености.

- Само Телеком го поддржа законското решение безрезервно, а сите други имаа сериозни забелешки. Забелешки имаше за набавката на софтверот, за тарифникот, наплаќањето по број на соби и ѕвезди за хотелите, а не по исполнетоста на капацитетите, недопрецизираноста на постапката за одземање на лиценцата, на висината на надоместокот предвиден за авторите,..., рече Вељаноски.

Тој посочи дека новото законско решение ќе направи уште поголема конфузија во делот на авторските права.

- Предлог законот треба да претрпи суштински измени и да се поедностави доколку навистина сакаме да се заштити авторското право како во сите нормални земји, рече Вељаноски.

Во реплика Канческа-Милевска рече дека Министерството за култура нема интерес од законските измени бидејќи не се автори, туку тоа го прават само за штитење на интересите на авторите и за заштита на нивното авторско право.

Лилјана Поповска од ДОМ, исто така, во реплика посочи дека измените на Законот Министерството ги направи за да се спречи најавениот бојкот од телевизиите за пуштање на македонска музика по нодамнешното носење на тарифникот од ММИ за наплаќање на авторските права

30.09.2013 - 23:31

најчитано сега