Новиот затвор во Куманово пуштен во употреба

 

Се работи за објект со вкупна површина од над 5.000 метри квадратни и капацитет од 250 лица за кој се издвоени  234 милиони денари.

Премиерот Груевски истакна дека инвестицијата е дел од капиталниот проект на Владата на Република Македонија за изградба и реконструкција на казнено-поправните установи во земјата кој тежи вкупно 52 милиони евра.

- Значајно е да спомне дека установата има свој посебен систем за затоплување, посебен систем за водоснабдување, како и сончеви колектори за загревање на санитарната вода за потребите на кујната и бањите за осудените лица, рече Груевски и додаде дека целиот затворски комплекс е ограден со ограда висока 4 метри, а во установата е вградена и најсовремена техничка апаратура за видеонадзор. 

Првата фаза од изградбата на оваа установа се одвиваше во периодот од 2008 до 2009 година, а се изградија затворската зграда, трафостаницата и пречистителната станица за што беа издвоени 72 милиони денари.

- Реализацијата на втората фаза започна во 2011 и притоа беа изградени посебен дел за прием и контрола на лица и пратки, дел за администрација, матично одделение за прием, регистрација и архива, гаража и енергетски блок, простории за остварување посети на осудените и притворените лица, посебна амбуланта, кујна, трпезарија и перална, посебна просторија за задоволување на верските потреби, работилница за работно ангажирање на осудените лица, како и спортски терени за спортување и одржување на физичкото здравје на затворениците, рече Груевски.

Министерот за правда Блерим Беџети истакна дека сите реформски активности кои се спроведуваат се во насока на проширување на капацитетите и подобрување на условите за престој на осудените лица во затворските установи.

- Изградбата на затворот „Куманово“ е дел од активностите во рамки на проектот за реконструкција на КПУ. Тоа е исклучително значаен проект кој е поддржан со заем од Банката за развој на Советот на Европа и буџетски средства на РМ. Во неговите рамки се опфатени изградбата на КПД „Идризово“, која започна во текот на овој месец, изградбата на малолетничката установа Воспитно-поправен дом во Тетово, како и изградбата и реконструкцијата на затворот „Скопје“, истакна Беџети.

а отворањето на затворот „Куманово“ присуствуваа и претседателката на Судскиот совет на РМ Александра Зафировска, Народниот правобранител Иџет Мемети, државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, поранешниот министер за правда Михајло Маневски и голем број претставници на државните институции и судската власт во Република Македонија.

30.09.2013 - 15:06
Фото: 
Денешен

најчитано сега