15 години од првата вест на МИА
„Едно лице почина, 17 се повредени во земјотресот во Србија“ е насловот на првата вест што Македонската информативна агенција (МИА) ја емитуваше на 30 септември 1998 година, со што почна редовната продукција на информации до корисниците.
МИА е јавен информативен сервис, основан од Собранието на Република Македонија во февруари 1992 година.
МИА ангажира педесеттина новинари за вести и новинари-репортери во редакцијата и триесетина новинари-дописници од Македонија и од странство.
МИА има дневна продукција од 300 до 350 вести и други прес информации на македонски, на англиски и на албански јазик и развиена дописничка мрежа во земјава и во светот.
МИА произведува и специјални тематски потсервиси и дневни и неделни билтени. МИА, исто така, продуцира Фото-сервис и Фоно-сервис што се достапни преку веб-страницата на Агенцијата - www.mia.mk
Корисници на МИА се електронските и печатените медиуми во земјава, македонските амбасади во странство, странски дипломатски и други претставништва и мисии во Македонија, како и медиуми на наши иселеници во странство.
МИА е членка и на Светскиот конгрес на новински агенции - НАЊЦ и на АБНА - Асоцијацијата на новинските агенции на земјите од Југоисточна Европа и на Црноморската асоцијација на национални новински агенции – БСАННА.
МИА исто така е и дел на информативните пулови на: РОМПРЕС (Романија), БТА (Бугарија), АТА (Албанија), ТАНЈУГ (Србија), МИНА (Црна Гора), ФЕНА и СРНА (БиХ), СТА (Словенија), ХИНА (Хрватска), АНА-МПА (Грција), АНАДОЛИЈА (Турција), АПА (Австрија), ЕФЕ (Шпанија), УКРИНФОРМ (Украина)...
МИА соработува и со големите новински агенции - француската ФРАНС ПРЕС, кинеската ХСИНХУА, иранската ИРНА, британскиот јавен сервис Би-Би-Си, германската ДПА, руската ИТАР-ТАСС, а сервисите на МИА ги користат и светските информативни сервиси ДОЈЧЕ ВЕЛЕ, СЛОБОДНА ЕВРОПА, ГЛАСОТ НА АМЕРИКА...
Во текот на минатите 15 години, МИА како најпедантен хроничар на македонските, регионалните и светските случувања и собитија формира обилна сопствена база на податоци, информации, фоно и фото записи.
Извор: МИА