Попоски: Планини меѓу ставовите на Македонија и Грција - нема напредок во преговорите
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, вчера оствари средба со својот грчки колега Евангелос Венизелос. По средбата на двајцата министри, Попоски изјави дека Грција не е заинтересирана за решавање на спорот и дека нема напредок во преговорите.
- Ставовите од југот се основа на проблемот. Немаме никакво убедување дека имаат желба да станат дел од решението. За се друго можеме да бидеме партнери, но за спорот, меѓу нас се планини, изјави министерот Никола Попоски по 20 минутната средба која се одржа за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Грчкиот министер, пак, по средбата со Попоски, за грчките медиуми изјавил дека на состанокот уште еднаш ги повторил ставовите на Атина за тоа како треба да се реши името. Тој, по средбата со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, истакна дека Грција инсистира Македонија да го смени името, и тоа да важи во сите употреби.
Венизелос не сакаше да го коментира априлскиот предлог на амбасадорот Метју Нимиц, кој претставува обид да се приближат ставовите на двете земји, и покрај тоа што Обединетите нации најавија дека неколку недели по Генералното собрание на ОН ќе се организира нова средба на претставниците на двете земји во Њујорк.
Вечерва пред Генералното собрание свој говор ќе одржи македонскиот премиер Никола Груевски. Во сабота Груевски ќе се сретне со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун. СПоред најавите, пред Генералното собрание денеска треба да се обрати и Венизелос.