Пратениците расправаат за ратификувањето на Спогодбата за „Јужен тек“
Собранието денеска ја разгледува ратификацијата на Спогодбата за соработка меѓу владите на Македонија и Руската Федерација, која треба да обезбеди енергетска безбедност и стабилна испорака на гас преку „Јужен тек“.
- Целта на Договорот е обезбедување еколошки, поекономичен енергенс што ќе го поевтини природниот гас. Тоа ќе биде голем потенцијал за намалување на трошоците за работа на стопанските субјекти и оттука, за зголемување на конкурентноста на македонскто производство, истакна заменик министерот за надворешни работи Зоран Петров, кој смета дека крајниот бенефит ќе го почувствуваат граѓаните.
Тој истакна дека при склучувањето на Спогодбата целосно е запазена правната процедура.
Пратеникот на СДСМ Јани Макрадули смета дека со ратификувањето на Спогодбата, власта, следните 30 години, влегува во авантура драстично поразлична од европската политика во овој сегмент зашто за ЕУ, рече, приоритет е трансадриатик проектот, а не „Јужен тек“.
- Процесот на гасификација го пратеа многу лажни ветувања и криминални активности, а ратификацијата е спротивна на законите. Со неа, на една компанија ќе и се овозможи да увезува по повластена цена, да добива јавни набавки по приоритет и сама да ја дефинира цената, истакна Макрадули.
Заменик министерот за финансии Ардијан Џеладини реагираше на дискусијата на Макрадули, истакнувајќи дека нема врска со реалноста.
- Не е добро да се потценува вака битен проект од кој бенефит ќе имаат сите граѓани, подвлече Џеладини.
Марјанчо Николов од СДСМ, пак, смета дека овој договор е поштетен и од оној за ОКТА.
- Македонија во идниот период ќе биде енергетски заложник од снабдувачот со гас. Ваков несериозен однос кон стратегиско прашање за државата не треба да помине, можеби треба да се распише и референдум, дали е ваквиот договор единствена опција.
Пратениците од опозициската СДСМ упатија забелешка до власта, зашто на дискусијата по овој стратегиски проект за Македонија ен присуствува ниту еден нејзин претставник.
Македонија го потпиша Договорот со Руската Федерација за соработка во изградбата на гасоводот Јужен тек на 23 јули годинава. Спогодбата предвидува Македонија да се вклучи со крак, а „Газпром“ ќе одлучи дали ќе се гради од Србија или од Бугарија.
Гасоводот „Јужен тек“ треба да заврши до 2015 година, кога ќе протечат првите количини гас кон Централна и Јужна Европа. Капацитетот на гасоводот е 63 милијарди метри кубни годишно или 14 проценти од вкупните потреби на Европа. Македонија во јули минатата година влезе во проектот „Јужен тек“. Изградбата на гасоводот почна во декември 2012 година.
Собраниската расправа ќе продолжи по паузата која ја иницираа пратениците на ДПА.